Пред секоја хируршка интервенција голем број од пациентите стравуваат дали ќе се разбудат по анестезија и колку време ќе бидат во несвесна состојба. Стравот е уште поголем ако хирургот ви рече дека ќе треба да бидете под општа анестезија, која вклучува одземање на свеста. Сè зависи од тоа каква анестезија примате, колку долго ќе трае операцијата, каква е вашата здравствена состојба, колку години имате, но и од телесната тежина. Процентот на пациенти кои не се будат од анестезија е толку мал што овој страв е непотребен. Стравот се намалува по консултацијата на пациентот со анестезиологот, кој пред интервенцијата ќе му објасни сè во врска со анестезијата.
Што е анестезија?
Поимот анестезија означува тотален губиток на свест и болка по пат на целосно заспивање (целосна анестезија) или безболност само во одредена регија на телото (на пример епидурална анестезија). Бидејќи поголем дел од хируршките интервенции не се пријатни и најчесто се многу болни, задачата на анестезијата е да направи обезболување кај пациентот. Се користат анестетици, аналгетици, релаксанти, хипнотици, кои може да се аплицираат директно во вена или со вдишување гасови. Други облици на анестезија се инјекциите, кои се аплицираат во одредена регија каде се прави интервенцијата. Во целосната анестезија пациентот потоа запаѓа во сон, кој се разликува од нормалното спиење бидејќи мозокот е под влијание на анестезија и вие не реагирате на болка.
Колку долго ќе трае дејството?
Колку пократко трае хируршката интервенција толку помала доза на анестезија треба да прими пациентот. За покомплицираните интервенции, како што се интервенциите на кардиоваскуларниот систем, потребна е поголема доза на анестезија, додека за поедноставните многу помала. Колку е помала дозата толку побрзо ќе се разбудите од анестезија. Доколку за време на интервенцијата се намали ефектот на анестетикот, пациентот може да слуша и гледа што се случува. Оваа состојба најчесто се случува при крај на интервенцијата.
Зошто има поврзаност меѓу анестезијата и мојата здравствена состојба?
Помладите пациенти чија здравствена состојба е добра многу побрзо се будат од анестезија во однос на повозрасните. Но, постои врска и помеѓу телесната тежина и дозата на анестезија. Кај пациентите со поголема тежина се дава поголема доза на анестетик и затоа тие подоцна се будат.
Дали анестезиологот си ја знае својата работа?
Како и во секоја професија искуството на докторот е битен фактор за успех на интервенцијата. Искусниот анестезиолог ќе ви пружи целосна поддршка, добро ќе ве информира за целиот процес, ќе биде тука за вас со совети по будењето од интервенцијата. Пред интервенцијата неопходно е анестезиологот да направи контрола дали пациентот е алергичен на одреден анестетик. За време на хируршката интервенција анестезиологот е тој кој постојано ја следи вашата состојба.
Како ќе се чувствувам по будење од анестезија?
Пациентот по завршување на интервенцијата се носи во соба за будење каде континуирано се следат виталните знаци. Постепено се буди од анестезија и му се враќаат рефлексите и тонусот на мускулатурата. По будење од анестезија нормално е пациентот да се чувствува поспано, да има мачнини, слабост и да биде збунет. Уморот, чувството на сува уста, нагоните за повраќање, грозницата се исто така дел од симптомите кои се јавуваат по анестезија.