Сите типови дијабетес можат да доведат до компликации на различни системи и органи. Честопати компликациите се и животозагрозувачки. Во 2012 година дијабетесот се посочува како директна причина за смрт на 1,5 милиони пациенти глобално. Важно е да се знае дека дијабетесот и неговите компликации може да се спречат со здрав начин на исхрана, физичка активност, одржување на телесната тежина и одбегнување на цигарите.
422 милиони луѓе во светот имаат дијабетес
Појавата на дијабетесот е значително зголемена во последните три декади. Ваквата алармантна состојба се случува паралелно со зголемувањето и на луѓе со прекумерна телесна тежина. Честотата на дијабетес е сè поголема во земјите со понизок стандард.
Дијабетесот спаѓа во најчестите причини за смртност на светско ниво
Во 2012 година дијабетесот се посочува како директна причина за смрт на 1,5 милиони пациенти во светот. Дополнително истата година на 2,2 милиони пациенти им се откриени високи вредности на шеќер во крвта кои се ризик фактор за појава на кардиоваскуларна болест. Дури и на луѓето кај кои нивото на шеќер не е доволно високо за да се класифицира како форма на дијабетес, сепак, предизвикува оштетувања на одредени органи во телото. Со зголемувањето на нивото на шеќер расте и ризикот од појава на болест на срцето и крвните садови.
Постојат два главни типа дијабетес
Дијабетес тип 1 се карактеризира со намалена продукција на инсулин, додека дијабетес тип 2 е неможност на телото да го искористи инсулинот. Дијабетесот тип 2 се смета како состојба која потенцијално можеме да ја превенираме, додека причините за појава на дијабетес тип 1 се сè уште непознати.
Гестациски дијабетес
Гестациски дијабетес претставува зголемени вредности на шеќерот во крвта за време на бременост. Жените со гестациски дијабетес имаат зголемен ризик за компликации за време на бременоста и породувањето. Исто така, претставува ризик за појава на дијабетес тип 2 за мајката и детето во иднина.
Дијабетесот тип 2 се јавува почесто за разлика од тип 1
Дијабетес тип 2 се јавува многу почесто за разлика од типот 1. Зголемената телесна тежина и зголемениот обем на половината се јавуваат како сè почести ризик фактори за појавата на тип 2. Позагрижувачки факт е дека последниве години сè почесто се јавува и во детска возараст на глобално ниво.
Луѓето со дијабетес може да живеат долг и квалитетен живот
Раното детектирање на дијабететсот и правилното одржување на нивото на инсулин се од голема важност за здрав и долг живот кај дијабетичарите.
Квалитетот на живот кај овие пациенти зависи од контролирањето на инсулинот во крвта преку начинот на исхрана, физичка активност, земање лекарства доколку е потребно, контрола на крвниот притисок и маснотии во крвта, регулирање на ризик факторите за кардиоваскуларни заболувања, редовен преглед на очите, бубрезите и стапалата.
Дијабетестот може да предизвика слепило и бубрежна болест
Сите типови дијабетес може да предизвикаат компликации на многу органи на телото и да бидат причина за предвремена смрт. Најчести компликации се срцев удар, бубрежна слабост, ампутација на ногата како резултат на појава на дијабетично стапало, оштетување на видот и оштетувања на нервите.