Болно дете, загрижени родители – настинка или алергија?

Ако на вашето малечко постојано му тече носот, а секретот е проѕирен и воденикав, веројатно се работи за алергија. Додека, пак, зеленикавиот и густ секрет асоцира на инфекција или вирус. Проблемот со затнат нос може да се реши преку инхалации, со аспиратор за секреција или лекарства

Детето веќе неколку дена има кашлица, покачена телесна температура и треска. По неколку дена симптомите се смируваат, но, за жал, потоа ситуацијата се повторува. Состојбата трае со денови, а родителите не знаат за што се работи… Дали станува збор за настинка, за алергија или, пак, е астма? Детето е болно, а родителите се загрижени.

Треска

Доколку се работи за алергија, вашето дете може да ги има следниве симптоми: кивање, насолзени очи, чешање на носот и очите, но и болки во грлото. Ако овие симптоми се засилуваат кога детето е надвор и во близина на полен можеби се работи за „поленска треска“. Обично настинката се јавува постепено, носот ќе почне да тече, ќе се јави чешање на очите и слаба треска.

Траење на симптомите

Настинките имаат тенденција да траат околу 2 недели, додека карактеристика за алергиите е што траат многу подолго. Назалните алергии може да траат во текот на целата година, а особено се активни во месеците кога има полен. Вашето дете може да кива и кашла и кога е во затворен простор, ако е алергично на прав или на домашни животни кои се предизвикувачи на алергии во текот на целата година.

Поврзаност со годишните времиња

Во пролетта, кога цветаат дрвјата и цвеќињата, поленот е насекаде околу нас. Ако вашето дете постојано кива, отежнато дише и му тече носот, со сигурност виновник е поленот. За време на летото, пак, алергиската реакција може да биде предизвикана од полен, трева, мувла и убоди од инсекти. Летните месеци исто така се поврзуваат со алергијата на храна и полен. Тоа е кога со внесувањето и консумацијата на овошјето и зеленчукот се внесува и полен преку устата. Симптомите можат да се јават во различен период од денот. Доколку детето не сака да јаде откако ќе се разбуди од спиење и има затнат нос, кива и кашла, причина за тоа може да биде алергијата од домашен прав и влакната од милениците. Ако вашето малечко е затнато за време на зимата, има носна секреција, очите го чешаат и му солзат, можно е да се работи за настинка. Консултирајте се со вашиот педијатар или алерголог.

Наследни фактори

Според медицинските истражувања, астмата најчесто почнува околу 6-тата година од животот, додека алергиите се појавуваат во секој период од животот. Често сме сведоци дека и новороденчињата се алергични на одреден вид храна. Алергиите на отворено можат да се појават на возраст помеѓу 4-тата и 6-тата година од животот, додека алергиите кои се актуелни во затворен простор и под 4-годишна возраст. Доколку симптомите се влошуваат или вашето малечко има егзема (воспаление на кожата), време е да направите тест за алергија. Ако алергијата или егземата се појавила кај деца помали од 6 години, голема е веројатноста дека тоа дете во текот на животот ќе добие астма. Кога некој од родителите има алергија, постои голема веројатност да се појави и кај детето. Шансите се зголемуваат за два пати ако и двата родители се алергични. Како и за алергиите, истото важи и за астмата. Голем дел од луѓето кои имаат астма, исто така, имаат и алергии. Лекарите оваа појава ја нарекуваат „алергиска астма“.

Сподели:

  • Добивај известувања за новости!