На почетокот од учебната година поголем број на деца со нетрпение го очекуваат враќањето во училишните клупи. Но, за жал некои деца имаат страв од училиште, па почетокот на учебната година за нив и за нивните родители е вистинска ноќна мора. Многу психолози сметаат дека основниот проблем за училишната фобија треба да се бара во односот на родителите кон децата. Во ваквите ситуации најчесто родителите, а не децат, се тие на кои им е по требна стручна помош.
Училишната фобија се манифестира како отпор на детето спрема одењето на училиште. Детето покажува страв од поаѓање на училиште и на разни начини се обидува да го избегне училиштето. Детето одеднаш се жали на главоболки, или болки во стомакот, а некои и отворено одбиваат да одат во училиште. Други деца пак се жалат на срцебиење, мачнина, напнатост, имаат пореметување на сонот, замор и исцрпеност, кои едноставно исчезнуваат за време на викенди, или празници кога не се оди на училиште.
ПОМОШ ИМ Е ПОТРЕБНА НА РОДИТЕЛИТЕ НАМЕСТО НА ДЕЦАТА
Многу психолози сметаат дека родителите се најголемиот проблем за училишната фобија кај децата. Понекогаш родителите го оптеретуваат детето со секојдневните коментари „ти ќе бидеш најдобар, ќе имаш само петки, сите ќе ти завидуваат“. Со ова на детето му се прави притисок да ги исполни очекувањата на своите родители, што доведува до страв од неуспех и страв дека ќе ги разочара своите родители доколку не е успешен на училиште. Ова предизвикува различни тегоби кои родителите не ги препознаваат како страв од училиште.
Кај повеќето децата училишната фобија се јавува наутро кога детето треба да се одвои од своите родители. Тоа страда од помислата дека засекогаш ќе биде напуштено. За ова најчесто се криви мајките, особено ако немаат топол однос со детето , ако постојано мy се закануваа: „Ако не бидеш добар ученик ќе те дадам на други родители“ или „Ќе умрам ако не бидеш добар на училиште“. Во овие ситуации детето не сака да оди на училиште бидејќи стравува дека додека е отсутен неговата мајка ќе ги исполни заканите и ќе го напушти.
Децата тешко ги доживуваат и ситуациите во домот кога родители постојано се караат, се тепаат и се закануваат со развод. Во вакви ситуации детето стравува да биде отсутно од домот за да не се разведат неговите родители.
Причини за училишна фобија можат да се јават и на училиште. Како на пример, заради премногу строг и неправеден учител, или кога детето не може да се вклопи во одделението, или пак ако има слаби оцени за кои следува казна (особено родители кои се склони кон физичко казнување на децата). Многу често децата покажуваат одбојност кон училиштето само заради одвојување од родителите и уште безброј други примери.
КАКО ДА ИМ ПОМОГНЕТЕ НА ДЕЦАТА
- Потикнете го враќањето во училиште на почетокот од учебната година, радувајте се заедно со него и организирајте нешто на првиот училишен ден. Почестете го вашето дете со сладолед ,одведете го на кино или др.
- Купувајте книги, училишен прибор, облека и чевли заедно со вашето дете и овозможете му тој самиот да си избере, за да му дадете на знаење дека имате доверба во неговите одлуки
- Разговарајте со детето за важноста на училиштето, дознајте ги неговите очекувања во новата учебна година.
- Поттикнете го вашето дете да ги испланира оцените по различни предмети и ветете му дека заедно со останатите членови на семејството ќе му помогнете да го постигне очекуваниот успех
- Со детето изберете амајлија, односно некој помал предмет или играчка, кој ќе му ја дадете да ја носи во училишната торба за да му ја зголеми самодовербата и чуството на сигурност
- Ако детето не сака да оди на училиште или ако се појават симптоми на страв, отворено и многу смирено разговарајте со детето, а кога ќе ви се довери, пронајдете ги причините поради кои се плаши да оди на училиште. Покажете разбирање дури и кога тие не ви изгледаат оправдани.
- За стравот на вашето дете разговарајте со училишниот психолог или педагог и побарајте ја нивната помош.
- Без разлика на околината, развивајте позитивен став спрема училиштето, а пред детето никако не зборувајте негативно за училиште, учителката или школските активности.
ВНИМАВАЈТЕ КАКО ГО ВОСПИТУВАТЕ ВАШЕТО ДЕТЕ
- Воспитувањето на децата треба да го темелите на емоционална топ
лина и подршка. Освен тоа неопходни се јасни правила на однесување и ограничувања, односно контрола. - Што повеќе фалете и наградувајте го вашето дете за да го развиете чуството на сигурност и самодоверба, а што помалку користите критики и казни кои будат чуството на несигурност и неуспех кај детето
- Потикнете го детето да постигне успех и заедно со него радувајте се, но пред сѐ запознајте ги можностите на своето дете и бидете реални во вашите барања
- Во своето дете не гледајте само како на ученик туку како личност во целина, со различни особини и способности, за да не го доживувате сопственото дете само преку неговите школски оцени или успеси
- Потикнете го детето да се афирмира и социјализира преку активности и надвор од училиштето ( спорт, уметност, хоби …)
- Со детето не разговарајте само за неговите резултати, односно оценки, туку покажете интерес и за сето останато што се случува на училиште
- Помогнете му на детето да се вклопи со останатите ученици, особено ако е повлечено и несигурно во себе. Организирајте заедничко дружење со останатите деца
- Повремено разговарајте со вашето дете ( како се чуствува на училиште, кои му се најдобри другари.. )
- Никогаш немојте без причина да ги оправдате отсуствата од училиште, зошто одбивањето од училиште најчесто почнува со лажните оправдувања на родителите.
РОДИТЕЛИ ЗАПОМНЕТЕ
Не го обвинувајте вашето дете за секоја постапка, зошто децата се огледало на Вашето однесување. Некогаш причините побарајте ги во вас. Запрашајте се што треба да смените во вашето однесување или воспитување за да му помогнете на вашето дете.