Синдромот на нервозно дебело црево е една од најнепријатните стомачни тегоби, но и најчесто гастроинтестинално заболување во клиничката пракса. Ова нарушување влијае на квалитетот на секојдневниот живот. Голем дел од луѓето имаат проблеми со варењето на храната, но немаат поставена дијагноза, ниту, пак, земаат лекарства. За симптомите, причинителите и лекувањето разговаравме со проф. д-р Васко Василевски, гастроентерохепатолог.
Кои се причините?
Причинителот на овој хроничен проблем сè уште не е познат. Се смета дека стресот дополнително ја отежнува ситуацијата и ги влошува симптомите. Голем дел од луѓето чувствуваат интензивирање на симптомите и по внесување храна.
Симптоми
Доколку подолго време имате болки и нелагодности во стомакот, грчеви, чувствувате подуеност, гасови, промени како опстипација или дијареа… верувајте дека не сте единствени. Овие тегоби ги чувствуваат голем број луѓе, а се дефинирани како синдром на нервозно дебело црево. Оваа состојба не предизвикува појава и развој на други болести на дебелото црево, но знае да пречи во секојдневните активности. Ѕидовите на цревата се контрахираат и релаксираат во одреден ритам. Постојат неколку облици на овој синдром. Кај првиот облик кој почесто се појавува кај жените, а е наречен спастичен колон во клиничката слика доминира болката во пределот на стомакот и опстипација. Кај друг дел од пациенти, пак, карактеристичен симптом е дијареата, која може да e повремена или честа. Оваа состојба е почеста кај мажите. Кај третиот облик, пак, наизменично се јавуваат дијареа и опстипација, со појава на слуз во изметот. Кога се јавува болка карактеристично е тоа што таа се засилува за време по јадење, а се намалува по празнење на цревата, но не значително. Празнењето на цревата е поретко од 3 пати неделно, а честопати знае да биде отежнато, непотполно и болно. Честопати овие пациенти имаат и хемороиди. Но, без разлика на симптомите, општата состојба кај овие пациенти е добра.
Кога да се консултирате со гастроентерохепатолог?
Иако симптомите ги чувствуваат речиси еден од пет луѓе, сепак, многу мал број од нив се решаваат да побараат лекарска помош. Доколку почувствувате некакви промени кои асоцираат на симптомите кои ги дава синдромот на дебело нервозно црево, најдобро е да се консултирате со доктор бидејќи одредени симптоми може да укажуваат и на посериозна болест, како карцином на дебело црево. Симптоми кои укажуваат на посериозна состојба се: ректално крвавење, абдоминална болка која се зголемува во текот на ноќта, нагло губење телесна тежина. Вашиот доктор може да ви помогне при олеснување на симптомите, како и да го исклучи постоењето на карцином на дебело црево, воспалителни болести на дебелото црево (кронова болест и улцеративен колитис), како и болести на тенкото црево. Прегледот почнува со разговор со гастроентерохепатолог, потоа следува физикален преглед, детална лабораториска анализа, ехо на стомакот, испитување на фецесот и ректосигмоидоскопија. Кај пациентите над 40 години кај кои има крвавење во столицата се препорачува колоноскопија.
Лекување
По поставување на дијагнозата се почнува со процесот на лекување, кој не е едноставен. Лекувањето на нервозно дебело црево знае да биде долготраен и не така едноставен процес. Универзален лек не постои, па најчесто се дават лекови кои би ги ублажиле симптомите и благи седативи. Основна цел во елкувањето е да се воспостави нормална работа на цревата. Затоа најпрво се работи во коригирање на исхраната кај пациентите, им се препорачува да консумираат храна богата со диетални влакна, овошје, зеленчук. Белиот леб треба да се замени со леб од интегрални житарици, а да се избегнуваат и намирници кои предизвикуваат гасови, како што се грашок, грав, лута и зачинета храна. Се препорачува и внес на повеќе течности и чаеви. Оброците треба да се помали и почести. Бидејќи стресот се смета за тригер фактор на оваа болест, се препорачува да се избегнуваат стресни ситуации. Секако дека е тоа тешко, но неопходно е да научиме како да се избориме со него. Релаксација побарајте во долгите прошетки, спортот, дружењето со пријателите или некоја друга активност.