НОЌНО МОКРЕЊЕ ВО ДЕТСКА ВОЗРАСТ: АКО НЕ СЕ ЛЕКУВА НАВРЕМЕ, ПРЕДИЗВИКУВА ПСИХОЛОШКИ, ЕМОТИВНИ И СОЦИЈАЛНИ ПРОБЛЕМИ

Ноќното мокрење е еден од најчестите проблеми во детската возраст. Примарна ноќна енуреза (ПНЕ) е мокрење во кревет за време на спиење кај здрави деца на возраст од 5 години па нагоре. Според податоците од светската литература, кај децата на петгодишна возраст секое четврто дете има ноќно мокрење. При поаѓање во училиште секое десетто дете има ноќно мокрење, односно на возраст од 10 години 7 отсто од децата го имаат овој проблем. Во адултна возраст 1 до 2 проценти од децата остануваат со ноќно мокрење. Доц. д-р мед. науки Надица Ристоска-Бојковска, специјалист по педијатрија нефролог вели дека ноќното мокрење се јавува почесто кај машките деца отколку кај девојчињата. За појавата има повеќе причини, но постои заблуда дека енурезата е последица на психолошки проблеми или психички профил на детето. Сепак доц. д-р Ристоска-Бојковска е децидна дека ако лекувањето не почне навреме, тогаш може да дојде до одредени психолошки, емотивни и социјални проблеми кај личноста.

МОКРЕЊЕ ВО ДЛАБОК СОН

Доц. д-р Ристоска-Бојковска објаснува дека кога станува збор за ноќното мокрење кај децата има неколку факти, а тоа дека може да станува збор за бенигна состојба со ноќно мокрење како единствен симптом, дека е присутно кај здрави деца, се јавува кај деца од возраст над 5 години, најчесто без присуство на други симптоми. Функцијата на мочниот меур е уредна и секогаш доаѓа до комплетно празнење, без волја на детето. „Ноќното мокрење е резултат на дисбаланс, односно нарушување меѓу капацитетот на детрусорот на мочниот меур за време на ноќта и количината на урина што се создава, а резултира со мокрење за време на длабок сон. Присутна е заблуда дека енурезата е последица од психолошки проблеми или психички профил на детето. Ако лекувањето не почне навреме, тогаш може да дојде до одредени психолошки, емотивни и социјални проблеми“, вели доц. д-р Ристоска- Бојковска. Социјални последици кои можат да се јават поради ноќното мокрење се изолација, страв од активности, како на пример спорт, чувство дека детето е различно од другите. Децата кои страдаат од тоа избегнуваат да одат и да се дружат на кампови или училишни екскурзии на пример, но избегнуваат и да создаваат пријателства. Доц. д-р Ристоска-Бојковска вели дека ноќното мокрење е многу чест проблем кај децата кој се јавува кај 7 до 15 проценти од деца на возраст од 7 години. Се јавува два пати почесто кај машките деца во однос со девојчињата, а за три пати повеќе е застапено кај деца со АДХД. „Се опишува како еден од најчестите и највознемирувачки детски проблеми. Инциденцата се намалува со годините и тоа спонтано излекување е приближно 15 отсто годишно. Успешниот и навремен третман ја зголемува самодовербата. Најголемиот број од децата се многу добро мотивирани за третманот дури и од петгодишна возраст“, вели доц. д-р Ристоска-Бојковска.

НУЖНА ТЕРАПИЈА ШТО ПОБРЗО

Кога станува збор за дијагностицирањето, доц. д-р Ристоска-Бојковска вели дека ноќната енуреза треба активно да се бара во склоп на систематските прегледи, редовните прегледи кај матичните доктори. Сугерира дека е потребна добра информираност и едукација на сите кадри кои може да помогнат во утврдување на присуство на ноќна енуреза кај децата и благовремено започнување со терапија. Вели дека исто така од голема важност е фамилијарната историја за примарна ноќна енурeза, односно генетските фактори. Имено, ако кај двајцата родители имало ноќно мокрење во детска возраст тогаш 75 отсто е шансата и кај нивното дете да има енуреза. Затоа од големо значење е земање добра анамнеза кај родителите. „Поголем број од децата цврсто спијат и тешко се будат. Во текот на ноќта кај нив има зголемено создавање урина како последица на нарушување во ритамот на лачење на еден неуропептид-вазопресин кој се лачи во мозокот и кој на ниво на бубрезите ја регулира количината на создадена урина во сон. Затоа потребно е да се знаат развојните проблеми, присуство на некои дневни симптоми, каква е фреквенцијата на мокрење, дали постојат други заболувања кај детето или можеби претходен третман со некој лек. Треба да се направи добар физикален преглед на грбот, нозете и гениталиите, анализа на урината, гликемија, ехо-преглед на уринарниот тракт, објаснува доц. д-р Ристоска-Бојковска. Децидна е дека родителите на детето кое има ноќно мокрење треба да се обратат кај педијатар нефролог со кого ќе разговараат и ќе ги направат потребните испитувања за утврдување на типот на ноќното мокрење. Оптималното време за почнување терапија кај деца со енуреза се проценува индивидуално, но лечењето, вели д-р Ристоска-Бојковска, дава најдобри резултати ако се почне пред тргнување на детето во училиште, уште на петгодишна возраст. Изборот на терапија кај децата зависи од природата на основното нарушување кое довело до ноќно мокрење. Лечењето се спроведува под надзор на педијатар нефролог.

ПРОМЕНИ И ВО НЕКОИ ЖИВОТНИ НАВИКИ

Се препорачува родителите да водат дневник за ноќно мокрење, децата да се инволвирани во процесот на лекување со секојдневно цртање цртежи во склоп со промените во ноќните часови, со систем на награда секогаш кога ќе се разбуди суво и да се започне со посебен тренинг на мочниот меур. Доц. д-р Ристоска-Бојковска вели дека кај 70 до 90 отсто од децата има успех во лекувањето за период од 6 месеци до 12 месеци. Лекувањето е медикаментозно, а лекот се таблети минирин, кои се даваат секоја вечер пред спиење. „Денес во ретки случаи се употребува во лекувањето сензор поврзан со аларм – ѕвоно или вибрација аларм. Ефикасноста може да се постигне кај некои случаи за 2 до3 месеци. Но потребни се повеќе од 14 континуирани суви ноќи за да се дефинира успех, нема несакани ефекти. Потребна е и обука за употреба и мотивација на детето. Кај резистентни случаи каде нема навремено дејство од медикаментозна терапија постои и можност за комбинирана терапија, односно лек плус аларм“, вели доц. д-р Ристоска-Бојковска. Сепак, потребни се промени и во некои навики, а доц. д-р Ристоска-Бојковска вели дека треба да се намали внесот на кофеин, односно на пример топла чоколада или чоколадно млеко во вечерните часови, детето да има правилна исхрана и рестрикција на течности пред спиење. Исклучително е важно и детето навремено да се однесе кај детски нефролог и да се започне со медикаментозна терапија која дава одлични резултати.

Сподели:

  • Добивај известувања за новости!