Основна индикација за парот да почне со процес на асистирана репродукција со донирана сперма е отсуство на сперматозоиди во ејакулатот, односно во тестикуларното ткиво. Во Р Македонија постои закон кој овозможува полнолетни и деловно способни жени за родителска грижа кои не се во брачна или вонбрачна заедница, а имаат потреба од донирани сперматозоиди во процесот на асистирана репродукција да ги добијат на Одделот за асистирана репродукција во „Аџибадем Систина“.
Машката неплодност сè повеќе се зголемува и претставува глобален, медицински и социјален проблем. Во случај на отсуство на сперматозоиди во ејакулатот и тестикуларното ткиво кај партнерот (азооспермија), паровите кои сакаат да имаат потомство се одлучуваат на третман за алогенеично оплодување со донирани сперматозоиди. Но, д-р Михаило Поповиќ, гинеколог-акушер, вели дека во неговата амбуланта сè почесто доаѓаат и жени кои немаат партнер, а, сепак, сакаат да станат мајки со помош на донација на сперма.
Како се утврдува машкиот стерилитет?
Д-р Михаило Поповиќ, гинеколог-акушер, објаснува дека за да се утврди машки стерилитет потребно е да се извршат сите анализи што укажуваат на тоа. Спермограмот е прв и основен тест со кој се одредува плодноста кај мажите преку проверка на квалитетот и квантитетот на ејакулатот. Поради чести варијации на резултатите се препорачуваат две анализи во рок од 30 дена. Доколку со анализата на спермограмот се укаже на отсуство на сперматозоиди во ејакулат (азооспермија) се продолжува со испитувања со цел да се утврди причината. Отсуството на сперматозоиди во ејакулат може да се должи на непостоење на сперматогенеза, но може да се работи и за постоење на сперматогенеза, а да постои некоја опструкција. Затоа се прават дополнителни испитувања кои вклучуваат:
- Мануелно и ултразвучно испитување на тестисите
- Испитување на хормони
- Генетско испитување
- Тестикуларна биопсија
Договор со реномирана банка за сперма
Клиничката болница „Аџибадем Систина“ има склучено договор и активно соработува со најголемата лиценцирана банка за сперма CRYOS од Данска, банка со 30-годишно постоење и со најголема донорска база на сперма во светот. CRYOS е банка која има испорака на донорски материјал во повеќе од 100 земји во светот.
Безбедност во процедурата за избор на донор
Анета Аневска Митревска, ембриолог, вели дека изборот на донор е високоиндивидуален и комплексен. Донорите се најчесто анонимни. Банката не го открива идентитетот на донорот, истиот се откажува од сите законски права, пациентите и децата немаат пристап до неговиот идентитет. Оваа група донори вклучува основни и проширени профили. Основните профили даваат информација за расата, етничката припадност, фенотипските карактеристики: боја на очи, коса, висина, тежина, крвна група, образование и професија. Проширените профили се регистрирани под фиктивни имиња и покрај основните информации и фенотипски карактеристики, се состојат од лични информации за семејното потекло и нивното здравје, образование, интереси, хоби, фотографии од детство, рачен ракопис, звучно снимен глас и профил на IQ. Донорите кои се кандидати за да ги задоволат условите на CRYOS минуваат низ процедури за проценка на здравствената состојба, како физичка така и психичка, скрининг генетски испитувања, како и тестови за сексуално преносливи болести. Донорските кандидати пополнуваат сеопфатен медицински прашалник и учествуваат во интервју со поставени прашања насочени кон отфрлање на кандидатите со ризично однесување и симптоми на болест. Кандидатите со семејна историја на сериозни наследни ментални и физички болести се исклучуваат и немаат право да донираат сперма.
Центар за машка неплодност
Центарот за машка неплодност во „Аџибадем Систина“ располага со врвен тим и најсовремена опрема за дијагноза на машка неплодност, како и сите видови медикаментозни и хируршки третмани во лекувањето на стерилитет.