Кога зборуваме за остеопрозата мислиме за заболување на коските кое ја намалува густината и квалитетот на коскеното ткиво. Скршениците на коските кај овие луѓе можат да се случат и при најмала траума или оптоварување. Најчесто скршениците се случуваат на прешлените на ’рбетниот столб, бутната коска или рачниот зглоб. За најчестите ризик фактори, дијагнозата и третманот на остеопороза разговаравме со докторите од Спиналниот центар при Клиничката болница „Аџибадем Систина“.
Ризик фактори
Најчести ризик фактори за појава на остеопорозата се
- возраста – над 30 години коскената маса почнува да се намалува
- пол – жените се 4 пати повеќе подложни на остеопороза од мажите, особено под ризик се жените над 50 години
- семејна историја – доколку некој од вашите предци имал симптоми на остеопороза тогаш и вие сте под ризик
- физичка неактивност, зголемена телесна тежина, лоша исхрана, други заболувања
За здрави и цврсти коски
Редовната физичка активност и здравата исхрана можат да ви помогнат да го намалите ризикот од појава на остеопороза. Со консумирање многу овошје и зеленчук кои изобилуваат со витамини можете да го спречите губењето на коскената маса. На пример, калциумот и витаминот Д играат главна улога во здравјето на коските. Ако овие важни состојки не ги внесувате преку вашата исхрана или со изложување на сончева светлина, консултирајте се со вашиот доктор за дополнување.
Пред и по кршење на коска
Многу често луѓето не се ни свесни дека имаат остеопороза сè дури не се појави првата скршеница. Симптомите на оваа болест се многу незабележителни, најчесто може почувствувате болки во грбот или намалување на висината. За да се превенирате од скршеници внимавајте на падовите, носете удобни чевли и движете се во осветлени простори. Истите совети важат и откако ќе ви заздрави скршената коска.
Дијагностицирање со DEXA scan
Првиот чекор за испитување на коскената густина е dexa scan снимањето. Ова софистицирано снимање овозможува точност и прецизност на снимањето на коскеното ткиво. Скенирањето е безболно и трае 10-20 минути. Бидејќи коскената густина кај жените се намалува по менопаузата, се препорачува овој преглед да се прави еднаш на две години, додека мажите не треба да го прават овој преглед многу често, но никако не смеат да го заборават. Враќање на коскената густина Дури и ако веќе имате дијагностицирана остеопороза, можете повторно да ја вратите густината на коските. Вежбањето само по себе ќе го направи тоа, внесот на калциум и витаминот Д исто така. Најдобар начин да го решите овој проблем е преку комбинација на спорт, витамини и исхрана со дополнителни лекови.