Грижата за пациентите кои имаат напреден стадиум на болеста и кај кои не се очекува нивно излекување е од особено значење. Таа вклучува грижа кон самиот пациент и неговото семејство со цел да се надминат сите психолошки, социјални и емоционални проблеми со кои се соочуваат. Целта на палијативната нега е да го подобри квалитетот на животот, да се ублажат симптомите и несаканите ефекти од терапијата.
Палијативната нега има четири основни цели:
– Да ја намали болката предизвикана од канцер и да ги редуцира последиците.
– Да го подобри квалитетот на живеење на пациентите и на нивните семејства.
– Да примени квалитетна нега со рационално управување.
– Да овозможи психолошка и емоционална поддршка
Зошто е важна вклученоста на семејството во палијативната нега?
Крајната фаза од болеста се прифаќа од пациентот и од неговото семејство како период за збогување. Покрај обезбедување спокојна средина за пациентот, во овој период мора да се обезбедат услови за одржување на секојдневната рутина на живеење на семејството. Кога семејството ќе се осигура дека пациентот е сигурно згрижен, тие ќе може да одат на работа и да се грижат за другите членови на семејството. Затоа, негата во овој период е важна не само за пациентот туку и за целото семејство.
Семејството треба да е вклучено во сите дискусии и мора да биде информирано за да може да ги исполнува потребите на пациентот. Лекарот, пациентот и неговото семејство работат заедно како тим во разрешување на конфликтите.
Палијативната нега има особено значење при соочувањето и прифаќањето на пациентот со реалната состојба, помага да се овозможи значајна комуникација меѓу пациентот, неговото семејство, лекарите и другиот медицински персонал. Во овој период важно е целиот тим кој е одговорен за пациентот да носи одлуки и да прави интервенции со заеднички договор.