Правилната исхрана е првиот чекор до поздрави и поцврсти коски. Тука пред сè се мисли на тоа дека е потребно дневно да се внесуваат по 1.000 милиграми калциум по пат на исхрана. Најдобриот извор на калциум се млечните производи со ниско ниво на масленост како што е јогуртот. Но, исто така богат извор на калциум се и лососот, сардините, зелениот лиснат зеленчук (брокули, кељот, спанаќот), сувите сливи и смоквите. Темнозелениот зеленчук, како спанаќот и кељот, во количество од една чаша содржат 100 милиграми калциум.
Сончевиот витамин Д е клучен за апсорпција на калциумот и без него целото количество на калциум е некорисен. Нашето тело создава витамин Д кога на кожата ќе ги почувствува сончевите зраци. По правило, лекарите препорачуваат по 15 минути дневно секој човек да биде изложен на сонце, без никаква заштита. Точното количество на сонце што е потребно е одредено и од надморската височина на која се наоѓаме, од годишното време, од пигментацијата на кожата, па дури и од видот на заштитна облека која ја носиме. Околу 90% од сончевиот витамин во организмот се внесува по тој пат, а останатото количество треба да се погрижиме да го внесеме преку исхраната или со додатоци во исхраната.
До здрави и цврсти коски може да дојдете и со вежбање. Исправената положба на телото и истегнувањето му користи на коскено-мускулниот систем. Медицинските лица понекогаш знаат да кажат што повеќе време да поминувате на нозе.
Познато е дека пушачите имаат помала густина на коските, а ако на оваа нездрава навика ѝ се додаде склоноста кон алкохол, коските уште повеќе страдаат. Се вели дека лицата кои неделно пијат повеќе од седум чаши алкохол ја спречуваат апсорпцијата на нутритиентите што ги внесуваме преку храната, а со тоа се осиромашуваат коските.
Исто како и цигарите, и стресот е многу штетен за коските. Под дејство на повеќе стрес се создава хормонот кортизол, што доведува до губење на коскената маса. Ова со текот на годините ја зголемува можноста за појава на остеопороза.