Правила за самопреглед на дојки

Карциномот на дојка е најчестото малигно заболување кај женската популација. Се работи за заболување кое најчесто во раните стадиуми на болеста не дава никакви симптоми. Поради тоа тешко може да се дијагностицира доколку жената не прави редовни самопрегледи на дојките и не се јавува на редовни прегледи со ехо и мамографија. д-р Маја Стојчевка Чапова, специјалист радиолог ве советува како правилно да направите самопреглед на дојките.

Карциномот на дојка е најчестото малигно заболување кај женската популација. Се работи за заболување кое најчесто во раните стадиуми на болеста не дава никакви симптоми. Поради тоа тешко може да се дијагностицира доколку жената не прави редовни самопрегледи на дојките и не се јавува на редовни прегледи со ехо и мамографија. д-р Маја Стојчевка Чапова, специјалист радиолог ве советува како правилно да направите самопреглед на дојките.

За успешен самопреглед потребни се два фактора – правилно време и правилна техника. Најдобро време кога треба да извршите самопреглед е:

  • Два дена по завршување на менструалното крвавење, ако имате редовен менструален циклус.
  • Доколку земате контрацептивни таблети прегледот да го направите со првата таблета од новата кутија.
  • Жените во менопауза прегледот треба да го извршуваат секој месец на ист датум.
  • Практикувајте го самопрегледот редовно по 20. година.

Правилна техника

Самопрегледот се состои во два чекора: разгледување и опипување.

При разгледување на дојките потребно е да воочите присуството на симетрија, одредени испакнувања или вдлабнувања, како и промени на бојата и структурата на кожата на дојката. Обрнете внимание на брадавките: дали се еднакви, вовлечени или навлажнети. Никогаш не ги стискајте брадавките, присуството на исцедок анализирајте го на долната облека. Разгледувањето направете го застанати пред огледало во три позиции: со рацете подигнати над главата, рацете спуштени до телото и рацете поставени на колкови со половината лесно наведната напред. Се погледнувате однапред и од обете страни.

Опипувањето на дојката треба да го правите во легната позиција бидејќи во таа положба дојките се рамномерно достапни. Потоа, ја поставувате под глава раката од страна на онаа дојка која ја прегледувате. Со врвовите од прстите на другата рака (никако помеѓу два прста) прегледувате. Истражувајте дали постои тврдина која минатиот месец ја немало и се разликува од другите делови на дојките. Го истражувате подрачјето од клучната коска до линијата под дојката, од градната коска до пазувата вклучувајќи ја и неа.

Доколку почувствувате промена, не анализирајте ја сами, појдете на лекар и дозволете тој да ги направи потребните анализи. Целта на самопрегледот е навременото воочување на промени, но и свест за потреба од редовни стручни прегледи. Редовните прегледи ги извршува лекар специјалист радиолог кој одлучува дали треба да направите ехо на дојките, мамографија или некакво друго испитување.

ЗАПОМНЕТЕ

  • Се препорачува да се почне со годишни ултразвучни прегледи на дојка од 30. година.
  • Со мамографија се почнува меѓу 36. и 40. година и истата се повторува секои 2 години.
  • Редовните самопрегледи и редовните лекарски прегледи овозможуваат рано откривање на карцином на дојка и негово излекување.
  • 90% од карциномите може да се излекуваат доколку рано се откријат.
  • Најважна улога во раното откривање на карциномот на дојката имаат самопрегледот и редовните лекарски прегледи

Сподели:

  • Добивај известувања за новости!