Прецизна дијагноза и третман на тумори на дојка во почетна фаза

Биопсија со маркирање водена под ултразвук и мамографија. Хируршката биопсија со претходно маркирање под контрола на рендгенолошка метода претставува тимски процес. Оваа постапка претставува безбедна и прецизна метода која овозможува отстранување на бенигни туморски маси, а се користи и за прецизна дијагностика на малигна болест во претклиничка фаза, кога лекувањето е наједноставно а резултатите од лекувањето најдобри. Кај бенигните процеси е и дефинитивниот третман. Д-р Драган Смилевски, торакален хирург, вели дека главната цел на постапката претставува отстранување на абнормално ткиво од паренхимот на дојката кое за лекарот и пациентот е неопипливо. Неговото постоење е докажано со некоја од рендгенолошките методи, како ултразвук на дојки или мамографија.

Каде се применува?

Оваа постапка се применува кај бенигни туморски процеси (како на пример фиброаденомот) чии димензии се толку мали што лекарот со клинички преглед не може да ја одреди точната локализација на процесот. Во тој случај постапката има тераписка цел, комплетно отстранување на туморот, што претставува и дефинитивен третман. Втора индикација е кај мамографски видени групирани микрокалцификати кои претставуваат рендгенолошки сомнителни промени и нивната хистолошка верификација е од есенцијално значење. Во овој случај постапката има дијагностички карактер, а дефинитивниот третман ќе биде определен по добивање хистолошки резултат.

Како се изведува?

Постапката се состои од три дела. Почетокот се одвива на Одделот за радиологија каде рендгенологот под контрола на ултразвук или мамографија пласира маркер (жица) чиј врв завршува точно каде што се наоѓа промената. Овој дел од процедурата се одвива во локална анестезија. На тој начин идентифицираната лезија станува лесно препознатлива за хирургот. Вториот дел од постапката се одвива во операциона сала и во општа анестезија. Хирургот следејќи го маркерот ја идентифицира лезијата и во целост ја отстранува. Кога станува збор за хируршка биопсија на микрокалцификати, примерокот отстранет од паренхимот на градата повторно се праќа на мамографија, додека пациентот и хируршкиот тим се сè уште во операциона сала за да се потврди точно и целосно отстранување на промената. Откако рендгенологот ќе потврди дека промената е отстранета во целост, интервенцијата се завршува. Третиот дел од постапката се одвива во хистолошката лабораторија каде што патологот под микроскоп го врши прегледот на материјалот и хистолошки го идентифицира процесот. Целата процедура се одвива во еден ден. Пациентот претходно проценет и подготвен се прима во болни ца на денот на зафатот, а ја напушта болницата истиот ден во најголем број на случаите. Постоперативно пациентот чувствува минимална болка која лесно се решава со аналгетик кој ќе биде препорачан од страна на лекарот. На пациентот му е дозволена умерена физичка активност во наредните две недели, но интензивна физичка активност како и рекреативна или професинонална спортска активност не е дозволена. Кога хистолошкиот резултат ќе биде изготвен на првата постоперативна контрола на пацеинтот му се соопштува точната дијагноза и доколку за тоа има потреба, следните дијагностички или тераписки чекори.

Дали постои ризик?

Ризиците од изведба на оваа постапка се минимални и исклучително ретко се случуваат. Лекарот ќе ве информира за сите можни ризици од постапката. Д-р Драган Смилевски вели дека ризикот од самата постапка е минимален, а бенефитот е огромен. Навременото дијагностицирање на малигните болести е од клучно значење во понатамошниот тек на лекувањето.

Сподели:

  • Добивај известувања за новости!