Прекумерна изложеност на сонце – ризик за канцер на кожа

Малигните тумори на кожата се на прво место по честота од сите видови малигноми кои се јавуваат кај човекот. Тие значително почесто се јавуваат на непокриените делови на телото. Д-р Илија Мостров, пластичен хирург, вели дека во настанувањето на карциномите на кожата влијаат повеќе фактори: сончевата светлина, јонизирачкото зрачење, органските и неорганските масла, смоли и катрани, тешките метали (арсен), лузни од операции, изгореници и трауми на кожата. Исто така, важни се и преканцерозите на кожата (леукоплакија, кератоактантом, Morbus Bowen, сончевите кератози) и одредени професии во кои постои подолготрајна изложеност на дејството на хемиските или физичките агенси. Од малигните тумори на кожата најчести се базоцелуларниот карцином, планоцелуларниот карцином и малигниот меланом.

Базоцелуларен карцином

Базоцелуларниот карцином е најчест рак на кожата, но и најмалку опасен. Најчесто базоцелуларниот карцином почнува како мала, сјајна кожна промена издигната над нивото на кожата, која бавно и постепено се зголемува. По неколку месеци се појавува сјаен, бисерен раб со назначени проширени крвни садови на површината и со централна раничка. Промената често крвави и се препокрива со краста, која паѓа и повторно се создава. Вообичаено за овој хистолошки тип на кожен карцином е наизменично да се препокрива со краста и се затвора, потоа крастата паѓа, промената крвави и повторно се создава нова краста. Се јавува почесто кај припадниците на белата раса, и тоа најчесто на видливите делови на главата и вратот. Базоцелуларниот карцином двапати е почест кај мажите отколку кај жените и почесто се јавува во средна и постара возраст (95%), обично од 40. до 79. година од животот. Иако базоцелуларниот кожен карцином ретко метастазира, тој може да биде исклучително локално деструктивен  и да врши инвазија и деструкција на нормалните околни ткива. Ретко може да доведе до смрт, зафаќајќи одредени витални структури или отвори (очи, уши, нос, коска). Овој кожен карцином најчесто се јавува во региите изложени на сонце, како што се лицето, вратот и екстремитетите. Најчести локализации на лицето се: образите, ушите, преаурикуларната регија, носот, долната усна и вратот.

Планоцелуларен карцином

Планоцелуларниот карцином по честота е втор најчест облик на малиген тумор на кожата. Најчесто се јавува на деловите на телото кои се изложени на сонце, како што се лицето и главата. Може да се појави на претходно неизменета кожа, на претходно постоечка сенилна кератоза или на лузна од изгореница. Туморот почнува како црвена папула (јазол) или плака со лушпеста или крустозна површина. Понатаму, може да стане нодуларен, понекогаш со брадавичеста површина. Планоцелуларниот карцином е повеќе малиген од базоцелуларниот карцином и може да се прошири во локалните лимфни јазли, како и други органи. Доколку е локализиран на устата, ушите и прстите или кај имунокомпромитирани пациенти, може брзо да се прошири.

Меланом

Меланомот е најредок, но и најопасен малиген тумор на кожата. За разлика од базоцелуларниот и планоцелуларниот карцином, меланомот се појавува во помлада возраст. Меланомот најчесто се појавува во облик на кафеаво-црна пигментација која се зголемува, со неправилни рабови и со неизедначена боја. Може да се јави во облик на розови или црвеникави јазолчиња со мала количина пигмент, кои брзо растат. Кај меланомот е најважно што порано да се изврши хируршкиот зафат затоа што со навремена интервенција може да се спаси животот. Малигниот меланом може да настане со малигна трансформација на бенка, но може да настане и на сосема здрава кожа. Ако некој забележи дека бенката почнала да расте, веднаш треба да се јави на лекар. Стручна помош треба да се побара и ако се бенките асиметрични, деловите околу границите на бенката назабени, нејасно ограничени, ако бојата нагло им се изменила. Покрај тоа, секоја бенка што е поголема од 6 мм во пречник треба да се прегледа од страна на лекар. Се препорачува хируршко отстранување на бенките кои се наоѓаат на места подложни на иритација.

Сподели:

  • Добивај известувања за новости!