Умниците се последните заби сместени на двата краја во горната и долна вилица. Наречени се умници од причина што растат од 18. до 25. година од животот. Ги нарекуваат „заби на мудроста“ бидејќи никнуваат кога луѓето созреваат. Доколку тие израснат правилно и си го најдат своето место во забалото, не се потребни никакви интервенции, но за жал, не е секогаш така. Многу често умниците можат да растат во атипични позиции или да растат удирајќи во коската, на што се надоврзуваат други симптоми (болка,оток,ограничено отвoрање на устата – тризмус) што е сигнал за стоматолошка (орално-хируршка) интервенција.
Најчести симптоми кои ги прават „проблематичните“ умници
Голем број луѓе се соочуваат со проблем кога умниците почнуваат да растат, особено кога за нив нема доволно простор за никнување, па како резултат на инфекција, местото отекува и се јавува болка, неможност нормално да се јаде, болката често знае да се појавува во одредени интервали, а знаат да направат и компромитирање на соседните заби. Има и случаи кога умниците делумно ќе израснат, па половина од забот е покриен со меко или коскено ткиво, нарекувајќи ги полуимпактирани. Од лично искуство говорејќи, оваа варијанта е полоша од целосно импактираните заби, затоа што при недоволна хигиена, пад на имунитетот, иритација на гингивата, може да се јави клиничка слика на акутна инфекција проследена со болкa, оток, црвенило, зголемена телесна температура, ограничено отворање на вилиците, неможност за исхрана, а како естетски проблем го наведуваме искривувањето на другите заби поради притисокот кој го прават врз соседните заби.
Преглед на стоматолог
Со панорамска снимка на забите, вашиот стоматолог ќе види каква е состојбата со умниците и ќе направи план за лекување. Најчесто се препорачуваат хируршка интервенција: хируршка екстракција (вадење) на забите, доколку се процени дека забот поради лошата поставеност или механичка пречка нема да никне, а предизвикува повеќекратни инфекции. Доколку ги имате овие проблеми, единствено решение ви е посета на стоматолог. Можеби болката ќе ја намалите со земање на аналгетици кои ќе ви ги препорачаат пријателите кои го имаат истиот проблем, но тоа не е трајно решение. Овој проблем единствено можете да го решите кај стоматохирург.
Што значи импактиран заб?
Во некои случаи, умниците воопшто и не изникнуваат во усната шуплина. Ваквиот заб се нарекува импактиран или ретиниран заб – зависно од причината поради која не изникнал. Овој заб може да не предизвикува никакви проблеми, но доколку се јави искривување на соседните заби, потребно е негово хируршко вадење. Полуизникнатите заби се добро место за задршка на храна и бактерии, бидејќи ова место е тешко достапно за хигиена со четката за заби. Доколку не водите сметка за редовната хигиена, местото може да се инфицира и да доведе до сериозни здравствени проблеми. Многу често импактираните заби можe да се придружени со фоликуларни цисти кои го уништуваат коскеното ткиво и во тој случај e неопходна хируршка екстракција.
Вадење на умник
Доколку станува збор само за отежнато никнување на умникот, стоматологот може со минимална хируршка интервенција да го ослободи (ексцидира) мекото ткиво над забот за да може тој слободно да израсне. Ако се процени дека умникот нема да никне, а пациентот има проблеми и тегоби, неизраснатиот умник се вади со најчестата орално- хируршка интервенција – хируршка екстракција (вадење). Стоматолозите препорачуваат импактираниот умник да се извади додека пациентот е помлад, а коренот на забот сѐ уште не е доволно развиен. Умникот се вади со локална анестезија, атрауматски, а интервенцијата треба да ја изведува искусен и стручен стоматолог. По вадење на умникот, може да се аплицира вештачка коска, местото се шие, се става дрен и се советува пациентот како да се справи со болката и отокот, доколку ги има. По неколку дена раната зараснува, а болката исчезнува.