РЕДОВНИОТ ГИНЕКОЛОШКИ ПРЕГЛЕД НЕОПХОДЕН ЗА НАМАЛУВАЊЕ НА РИЗИКОТ ОД СПОНТАНИ АБОРТУСИ

Спонтан абортус претставува ран губиток на бременоста пред 22. гестациска недела. Сепак, најголем дел, односно 80% од абортусите се случуваат до 12. недела од бременоста. Д-р Александар Бојаџиев, гинеколог акушер, објаснува дека генерално 12-15% од потврдените бремености завршуваат како спонтан абортус. Ризикот за ран губиток на бременоста се зголемува со возраста на жената. На 35-годишна возраст ризикот е околу 20%, на 40-годишна возраст, ризикот за спонтан абортус е околу 40%, на возраст од 45 години тој е 80%. Една од причините за неколкукратно повисокиот ризик за ран губиток на бременоста кај повозрасните трудници се смета дека е послабиот квалитет на јајце клетките во јајчниците, односно зголемената појава на хромозомски абнормалности во јајце клетките, што нормално настапува со стареењето на жената. Истото објаснува и зошто постарите мајки имаат зголемен ризик да имаат бебе кое ќе има некоја хромозомска аномалија. Така доаѓаме до најчестите причини за спонтани абортуси.

РИЗИКОТ ОД ГЕНЕТСКИ АБНОРМАЛНОСТИ СЕ ЗГОЛЕМУВА СО ВОЗРАСТА НА ЖЕНАТА

Најголем дел од раните губитоци на бременоста се резултат на неправилен развој на бременоста и се асоцирани со хромозомски или генетски абнормалности при развојот на ембрионот. Најчесто тоа се нови спорадични грешки или мутации при развојот и не се наследени од родителите. Ризикот од генетски абнормалности се зголемува со возраста на жената. Тие најчесто претставуваат случајни грешки во формирањето на бременоста и не значи дека ќе се повторат во следната бременост. Речиси сите ембриони кои имаат вакви абнормалности, без оглед дали се работи за млада или повозрасна пациентка, го прекинуваат својот развој во почетокот од бременоста. На овој процес се гледа како контрола на квалитет или природна селекција и секако, подобро е да се случи во раната бременост, отколку да се развие абнормален плод. Само во 2-4% од спонтаните абортуси причината се наследни генетски нарушувања кои се одраз на нарушувања во кариотипот на едниот или двата родители. Дијагнозата на хромозомските промени се поставува со кариотип на ембрионот. Доколку постои сомнение за наследни промени, тогаш се прави кариотип на двајцата родители. Покрај генетските фактори, други фактори кои можат да доведат до рани губитоци на бременост се: проблеми поврзани со нарушено згрутчување на крвта кај мајката, анатомските фактори, инфективни, ендокринолошки, како и влијанија од надворешната средина. На голем дел од овие фактори можеме да влијаеме и со правилна терапија да спречиме повторување на спонтаните абортуси.

ХЕМАТОЛОШКИ ФАКТОРИ

Голем процент од причините за спонтан абортус се поврзани со нарушување на коагулацијата на крвта на мајката. Во раната бременост се одвива процес на интензивно формирање на нови крвни садови, како и процеси на интензивна коагулација и фибринолиза. Доколку овој баланс се наруши, се формираат тромби во крвните садови на постелката или се јавува крвавење, што е причина за спонтан абортус. Одредени наследни нарушувања во процесот на коагулација кај мајката го зголемуваат ризикот за тромбоза и ова може особено да дојде до израз за време на бременоста. Автоантитела на фосфолипидите се одговорни за таканаречениот антифосфолипиден синдром кој може да биде причина за лош исход на бременоста, како спонтан абортус, хронична инсуфициенција на постелката со нарушени интраутерин раст на плодот, абрупција (предвремено одлепување на постелката) и интраутерина смрт на плодот. Всушност, имуниот систем кај некои жени создава антитела против одредени маснотии во крвта, наречени фосфолипиди. Тоа ја прави крвта погуста, полеплива и по склона на згрутчување. Постојат лабораториски тестови за детекција на коагулационите дефекти, како и антифосфолипидните антитела. Доколку истите бидат откриени, како терапија се применува нискомолекуларен хепарин и Аспирин (поединечно или и двата заедно во зависност од лабораториските наоди).

АНАТОМСКИТЕ ФАКТОРИ, ЕДНА ОД ВОДЕЧКИТЕ ПРИЧИНИ ЗА СПОНТАНИ АБОРТУСИ

Волуменот на телото на матката може да биде намален или абнормален од присутна конгенитална или стекната аномалија. Грлото на матката претставува еден вид статичка потпора на бременоста и истото може да биде инсуфициентно или слабо, најчесто како последица на претходна операција (конизација). Конгениталните или вродените аномалии на матката се јавуваат кога од различна причина ќе дојде до неразвивање, неспојување или нарушување на процесот на формирање на женските генитални органи. Така се добиваат различни облици и форми на матката, како еднорога, дворога матка, дуплирана, септирана. Овие состојби доведуваат до инфертилитет, спонтан абортуси и предвремено породување. Најчеста аномалија е септирана матка (матка со преграда). Преградата е лошо снабдена со крв и доколку ембрионот се имплантира таму, поради недоволна исхрана се случува спонтан абортус. Дијагнозата се поставува со ултразвучен преглед, хистеросалпингографија (ХСГ), хистероскопија и лапароскопија. Третманот за најголем број аномалии е хируршки. За корекција на анатомските дефекти се користат ендоскопските процедури како оперативна хистероскопија и/или лапароскопија. Од стекнатите аномалии на матката најчести се фиброидите (миоми), ендометријалните полипи, како и последиците на одредени хируршки интервенции кои го скратуваат грлото на матката, како што е конизацијата или трахелектомијата. Миомите се бенигни тумори и постојат различни типови во зависност од нивната локализација. Не сите миоми доведуваат до проблеми во бременоста. Од значење за повторувачите спонтани абортуси е големината на миомите, но многу позначајна е нивната локација. Миомите кои го деформираат и намалуваат просторот на шуплината на матката можат да доведат до нарушување во имплантацијата и исхраната на ембрионот. Ендометријалните полипи го намалуваат капацитетот на матката, предизвикуваат хронична воспалителна реакција во шуплината на матката, а со тоа создаваат средина непогодна за имплантација. Доколку се дијагностицираат кај жена со анамнеза на спонтан абортус, или жена која лекува стерилитет, потребно е да бидат отстранети

БАКТЕРИСКИ И ВИРУСНИ ИНФЕКЦИИ

Бактериските и вирусните инфекции се фактор кој може да доведе до спонтани абортуси, но исто така се и еден од главните фактори за предвременото породување и предвремено прскање на воденикот. Постојат дефинирани протоколи како навреме да се откријат и третираат за да не доведат до несакан исход во бременоста.

ДИСБАЛАНСОТ НА ХОРМОНИТЕ Е РИЗИК-ФАКТОР

Различни нарушувања на ендокриниот систем може да бидат причина за спонтан абортус. Тука спаѓаат: нарушувања во лачењето на тироидната жлезда, неконтролиран дијабет, хиперпролактинемија, инсуфициенција на жолтото тело (намалено лачење на прогестерон). Повисок процент на спонтани абортуси е дијагностициран кај пациентките со полицистичен оваријален синдром. Дијагнозата се поставува со лабораториска анализа на крвта за одредување на нивото на одредени хормони.

РЕДОВНИОТ ГИНЕКОЛОШКИ ПРЕГЛЕД МОЖЕ ДА ЈА СПРЕЧИ ПРИЧИНАТА ШТО ДОВЕДУВА ДО АБОРТУС

Детално запознавање со претходната историја на пациентката, гинеколошки преглед и ултразвучен преглед се почетната точка за откривање на причината која доведува до спонтани абортуси. Понатаму се прават соодветни микробиолошки, ендокринолошки, хематолошки, имунолошки и генетски тестови. Лекувањето е според причината која довела до повторувачки спонтани абортуси: доколку има анатомски дефект, хируршки треба да се коригира. Хормонска терапија по препорака на ендокринолог, кај утврден хормонски дисбаланс. Антикоагулантна терапија со нискомолекуларен хепарин и аспирин во случаите на тромбофилија или антифосфолипиден синдром. Правилно поставената дијагноза и одредената терапија се неопходни за успешна бременост.

Сподели:

  • Добивај известувања за новости!