Рехабилитацскиот процес има за цел да ја одржи и подобри функцијата на телото. Од моментот на поставување на дијагнозата се спроведува едукација и третман со кој се унапредува здравјето и се подобрува кондицијата, се намалува заморот, а со тоа се олеснува функционирањето во секојдневниот живот. Во случаите на прогресивна мултипна склероза се врши редукција за самозгрижување, како на пример, облекување, пишување, извршување на активностите во домот. Рехабилитацијата претставува неизоставен дел од целокупниот процес на третирање на мултипна склероза и подобрување на квалитетот на живот. Се состои од неколку компоненти кои опфаќаат: физикална терапија, окупациона терапија, терапија за потешкотии со говорот, когнитивна рехабилитација и професионална рехабилитација.
Физикална терапија
Се врши евалуација на мобилноста на телото и потоа се изготвува индивидуална програма со која се одржува обемот на движење, мускулната сила и севкупната физичка кондиција. Третманот се состои од вежби за подобрување на трофика и тонус на мускулатурата, вежби за истегање, вежби за баланс и координација. Основната цел е да се одржи мобилноста на пациентот и да се спречи мускулната слабост и контрактурите, што доведува до инактивитет.
Окупациона терапија
Има за цел да ги олесни секојдневните активности, особено оние кои ги вклучуваат едноставните движења на дланките и прстите.
Терапија за потешкотии со говорот
Со основна задача – обезбедување на чист и течен говор со што се олеснува комуникацијата, а влијае и врз севкупната психолошка состојба на пациентот.
Когнитивна рехабилитација
Се изведуваат едноставни вежби за логички поврзувања, концентрација и меморирање. Има за цел да ги поттикнува мисловните процеси, што е во голема корелација и со професионалната рехабилитација каде се учи како пациентот да ги извршува своите професионални обврски, со можност за нивно поедноставување и прилагодување, а, сепак, да тече работниот процес. Добро подготвена и спроведена рехабилитациска програма овозможува комплетно вклопување во секојдневниот живот на пациентите со мултипна склероза.