Реконструкција на митрален залисток

Долги години вградувањето вештачка протеза беше најприменуваната метода во хируршкиот третман на заболениот митрален залисток. Проф. д-р Александар Николиќ, кардиохирург, вели дека денес светските кардиохируршки центри сè повеќе преферираат реконструкција (поправка) на залистокот како суверена процедура која има низа предности за пациентот. „Најголемите кардиохируршки центри се најпознати токму по овој вид хирургија и по високиот процент на реконструирани митрални залистоци. На пример, најпознатиот во моментов кардиохируршки центар на светот Cleveland Clinic Foundation – USA прави реконструкција кај 80% од болните со заболена митрална валвула“, вели проф. Николиќ.

Болести на митрален залисток

Заболувањата на митралниот залисток можат да бидат вродени или стекнати. Во минатото тие најчесто биле резултат на прележана ревматска треска или ендокардитис. Проф. д-р Николиќ вели дека со подобрувањето на условите за живот овие заболувања станувале поретки, па и нивните последици во последните години поретко се среќаваат. Од вродените аномалии на митралниот залисток најчеста е миксоматозната дегенерација (т.н. синдром Barlow) и Марфановиот синдром. Така променетиот залисток во текот на животот е подложен и на други промени. Дополнително доаѓа и до истегнување на хордите, што обично има за последица нивно прекинување и враќање на крвта од левата комора во преткомората (митрална регургитација). Може да постои пролапс на предниот, задниот или на обата листови на митралната валвула.

Самото постоење на пролапс не значи дека постои и враќање на крвта од преткомората во комората. Тоа е последица на лошото затворање на листот на митралната валвула од најразлични причини. Кај болните со исхемиска болест на срцето (заболување на срцевиот мускул поради стеснување на артериите на срцето, т.н. коронарни артерии) поради недоволно снабдување со крв или поради фиброза по преживеан инфаркт, исто така може да дојде до прекин на хордите и до појава на митрална регургитација. Покрај тоа, кај болните со дифузно оштетување на срцевиот мускул (дилатативна кардиомиопатија како последица на преживеан миокардитис или повеќе преживеани срцеви инфаркти) може да дојде до некомплетно затворање на митралните листови и враќање на крвта во преткомората. Ова може да биде случај и кај претходноспоменатата група на болни. Митралниот залисток има два листа (кусписи), преден и заден. Од нив тргнуваат тенки нишки (хорди) кои ги поврзуваат листовите со папиларните мускули кои се наоѓаат во левата срцева комора и кои ги држат затворени листовите на митралниот залисток затворен со цел крвта во текот на истиснувањето од левата комора во аортата да не се враќа во преткомората. Сите овие структури заедно го сочинуваат т.н. митрален апарат.

Дијагноза

Суверена метода за прецизна дијагностика на заболувањата на митралниот залисток и процена на можноста за негова реконструкција денес претставува ехокардиографијата (преглед на срцето со помош на ултразвук) која овозможува откривање на самите морфолошки промени на митралниот залисток, а со помош на доплер-ехокардиографија дава и проценка за типот и степенот на митралната регургитација (враќање на крвта низ залистокот).

„ Важно е да се напомене дека лекарите кои го дијагностицираат и следат пациентот со заболување на митралниот залисток, а тоа се најчесто кардиолози, кои и ја поставуваат индикацијата за операција и го одредуваат вистинското време за оперативниот зафат, треба да му укажат на кардиохирургот за потенцијалната можност за реконструкција и да ѝ дадат приоритет секогаш кога тоа од хируршки аспект е изводливо. На тој начин ќе му овозможат значајно поквалитетен и побезбеден живот на пациентот по операцијата, во однос на замената на залистокот со вештачка протеза.

Хируршки процедури за реконструкција на залистокот

Доколку листовите на митралната валвула не се значајно здебелени, фиброзно променети или калцифицирани, а постои морфолошка промена во смисла на расцеп на листовите, руптури на хордите и/или дилатација на митралниот анулус, кај болниот може да се направи реконструкција (поправка) на митралната валвула. Реконструкциите на митралниот залисток вклучуваат повеќе хируршки процедури, а најчесто подразбира ставање вештачки прстен на митралниот анулус.

„Во секој случај, постојат низа хируршки техники кои служат за воспоставување на функционалниот интегритет на митралниот залисток кои се најслични на техниките на пластичната хирургија. Овие операции се значајно покомплицирани за хируршкиот тим од оние при кои заболениот митрален залисток се заменува со вештачка протеза. Значајно е, меѓутоа, дека тие не го зголемуваат оперативниот ризик, туку, напротив, го намалуваат исто како и ризикот од постоперативни компликации“, вели проф. д-р Николиќ.

Предности на реконструктивната хирургија

Важно е да се напомене дека пациентите на кои им е направена реконструктивна хирургија не мораат да земаат антикоагулантна терапија (лекови против згрутчување на крвта) па со самото тоа избегнуваат голем дел од компликациите кои се врзани за овој тип операција. Познато е дека вештачките материјали штосе користат при замената на залистоците се поподложни на инфекција, така што овие пациенти, на кои им е извршена поправка на залистокот имаат значително помал ризик од ендокардитис (инфекција на срцевиот залисток). Дополнителна предност на реконструктивната хирургија е тоа што доаѓа до побрзо заздравување на срцевиот мускул и доколку хируршкиот зафат е изведен навремено, до намалување на димензиите на срцевите шуплини, а кај одреден број пациенти и до намалување во границите на нормалните вредности.

Сподели:

  • Добивај известувања за новости!