Самопрегледите се важен дел во откривање на промени кои може да бидат знак за присуство на малигно заболување. Тука спаѓаат самопреглед на дојки, тестиси и бенки кои се прават на одреден временски период во домашни услови.
Дојка
Секоја жена треба еднаш месечно да прави самопреглед на дојките. За успешен самопреглед на дојки потребни се два фактори: правилно време и правилна техника. Најдобро време кога треба да извршите самопреглед е два дена по завршување на менструалното крвавење ако имате редовен менструален циклус, доколку земате контрацептивни таблети со првата таблета од новата кутија, додека жените во менопауза прегледот треба да го извршуваат секој месец на ист датум. Доколку почувствувате промена, не анализирајте ја сами, веднаш јавете се на лекар и дозволете тој да ги направи потребните анализи. Практикувајте го самопрегледот редовно по 20. година. Целта на самопрегледот е навременото воочување на промени, но и свест за потреба од редовни стручни прегледи.
Кликнете тука за упатството за самопреглед на дојките
Тестиси
Како што секоја жена задолжително треба на одреден временски период да прави самопреглед на градите, истото важи и за машката популација. Најчесто по капење секој маж треба да си направи преглед на тестисите. Доколку забележи асиметрија во големината на тестисот или при напипување на одреден јазол т.е. тврдина на самиот тестис, веднаш треба да се јави на лекар. Исто така, овие промени можат да се откријат и од партнерката за време на сексуалниот однос. Болеста најчесто се јавува со безболно зголемување на тестисот, а поретко заболениот тестис може да е и со нормална големина. Секоја промена на тестисот би требало да биде прегледана од страна на уролог кој ќе треба да направи дополнителни испитувања. Над 95 проценти, туморите на тестисите се со малигни карактеристики и најчесто ја зафаќаат помладата машка популација до 40-тата година од животот.
Кликнете тука за упатството за самопреглед на тестисите
Бенки
Прв знак за меланом е промена во големината, бојата или обликот на постоечка бенка. Меланомот може да се јави и како нова „дамка“ која обично изгледа невообичаено, црна е и со грд изглед. За да запомните на што треба да внимавате потсетете се на првите 4 букви од абецедата „ABCD“:
*Asymmetry (асиметрија) – едната половина на бенката е различна од другата.
*Border (раб) – рабовите на бенката се разјадени, назабени, заматени или неправилни, а пигментот се шири кон околната кожа.
*Color (боја) – бојата е нееднаква, може да се видат нијанси на црна, кафена и розова боја.
*Diameter (дијаметар) – промена во големината на постоечката бенка. Меланомите се обично поголеми од гумичката на моливот (поголеми од 5 мм) .
Кликнете тука за упатството за самопреглед за канцер на кожата