Помалку или повеќе, секоја жена во репродуктивниот период се соочува со предменструалниот синдром (ПМС). Се смета дека 85% од жените пред почетокот на менструалниот циклус ги чувствуваат симптомите на надуеност, главоболка, напнатост и замор. Прочитајте како полесно да го надминете овие „лоши денови“ од кој е поштедена машката популација
Хормоните се главните виновници за ПМС
Предменструалниот синдром или познат како ПМС е состојба која се јавува кај голем дел од жените во репродуктивниот период. Препознатлив е по комбинација од психо-физички симптоми кои се јавуваат пред да започне менструалното крвавење. Точната причина зошто се јавува ПМС не е позната, но се смета дека главните виновници за ваквиот период е промената на нивото на хормони, пред се на естрогенот и прогестеронот.
Како го опишуваат жените
Симптомите варираат индивидуално, истите може да бидат различни од месец во месец. Генерално, симптомите кои ги има почувствувано речиси секоја жена се: надуеност, зголемени гради, најчесто болни на допир, зголемување на тежината, агресивност, проблеми со концентрација, главоболка, зголемен апетит, замор, нервоза, анксиозност, промена на расположение.
Може да сметате дека имате симптоми на ПМС доколку
- Вашите симптоми се јавуваат во последните две недели од почеток на циклусот
- Симптомите го нарушуваат квалитетот на живот
- Го исклучивте присуството на болести кои даваат слични симптоми, како што се болести на тироидната жлезда, депресија, мигрена, хроничен замор и сл.
Како да ги олесните симптомите
Симптомите на ПМС не можете да ги превенирате, но секако дека може да си помогнете со тоа што ќе си ги олесните. Во овој период се препорачува да го намалите внесот на сол за да не имате дополнително задржување на течности кои ве прават надуени. Намалете го внесот и на кофеин и шеќер. Се смета дека суплементи на витамин Б6, магнезиум, калциум и витамин Е може да ви користат за намалување на напнатоста и грчевите на матката за време на циклусот. Вежбање, здрав начин на исхрана и избегнување на стресните состојби може да ви помогнат да ја намалите напнатоста и можноста за конфликт. Во овој период најважно е да бидете доволно одморени.