Анемија или слабокрвност е намалување на масата на црвените крвни клетки и е најчесто нарушување на крвта. Улогата на еритроцитите е транспорт на кислородот од белите дробови до ткивата, а јаглеродниот диоксид од ткивата до белите дробови. Тоа се постигнува со помош на хемоглобинот (Hb), тетрамерен протеин. Д-р Виолета Филипче Дирјанска, шеф на Дијагностички лаборатории, вели дека анемијата не е болест туку состојба со која се манифестираат поголем број заболувања. Податокот дека слабокрвноста е последица на недостиг на железо во организмот треба да биде аларм за пациентот дека треба да преземе мерки за сопственото здравје.
Анемијата поради кусок на железото е многу честа во човечката популација, особено кај жените во репродуктивниот период. Некои показатели велат дека 1/5 па дури и 1/3 од здравите жени во репродуктивниот период имаат намалено количество железо, додека 10% имаат анемија предизвикана од дефицит на железото. Вкупно гледано, анемијата е двојно почеста кај жените. Секоја нормална бременост ѝ одзема на мајката 500 мг железо. Кај жените во генеративниот период најчеста причина за сидеропенична анемија се обемни менструални крвавења, додека кај мажите и жените во постменопауза причина за сидеропенијата е крвавење од дигестивниот систем.
Три фази на намалување на железото
Молекулата на железото е составен дел на хемоглобинот (еритроцитот) и намаленото количество на расположливото железо доведува до смалено создавање на хемоглобинот, а со тоа и до нарушено создавање на еритроцитите. Постојат три степена на намалување на железото (сидеропенија) во организмот: y прва фаза е латентна сидеропенија во која резервите на железо во организмот се намалени (лабораториски тоа се забележува со намалена вредност на феритинот), но сè уште нема намалување на серумското железо, а со тоа сè уште не е дојдено до анемија; y втора фаза е сидеропенија каде се намалени резервите на железото, намалено е серумското железо, но и понатаму не е манифестна анемија; y во третата фаза доаѓа до намалување на вкупниот хемоглобин, т.е. до сидеропенична анемија.
Која е причината за намалување на железото
До намалено количество на вкупното железо во организмот се случува при: хронично крвавење, недоволен внес на железото со храна, особено кај доенчиња и деца, при нарушување на апсорпцијата на железото од дигестивниот систем и при зголемен распад на еритроцитите (хемолиза) како последица од други заболувања. Железото од храната се апсорбира во почетниот дел на тенкото црево, дуоденумот. Разни заболувања кои ја зафаќаат слузницата на тој дел од цревото влијаат на намалено прифаќање на железото и причинуваат сидеропенична анемија.
Исто така, оперативни зафати со кои се отстранува или заобиколува дуоденумот предизвикуваат намалена апсорпција на железото, како што е субтотална гастеректомија. Намален внес на железото со исхрана како причина за сидеропенија е чест кај доенчиња и деца. Нивните потреби поради растот се поголеми, а млекото претставува слаб извор на железото. Често важен фактор е и постоење инфекција со паразити и крвавење од гастроинтестиналниот тракт.
Симптоми на анемија
Клиничката слика на анемијата ги вклучува следните симптоми: слабост, засилен замор, отежната концентрација, бледа кожа и слузници, вртоглавица, зуење во ушите. Често се јавува главоболка и иритабилино однесување. Ако анемијата е потешка се вклучуваат компензаторни механизми на кардиоваскуларниот систем, поради потреба на кислород во организмот, срцето чука забрзано, особено при напор. Специфични знаци за сидеропеничната анемија се и појавата на промена на ноктите во смисла на губиток на конвекситетот на ноктите, потоа може да се јави потреба за консумирање супстанци кои не се храна (земја, хартија, трева, коса), но тоа не е специфично исклучиво за сидеропенијата. Исто така се јавува чувство на немирни нозе.
Како се дијагностицира
За дијагноза на сидеропеничната анемија потребно е внимателно да се зема анамнеза и да се направат соодветни лабораториски испитувања. Крвната слика покажува намален број на еритроцитите, намален MCV (среден волумен на еритроцитите), додека вкупниот број на ретикулоцитите е нормален или намален. За сидеропеничната анемија карактеристичен наод е ниско серумско железо, зголемена вредност на трансферин (TIBC), како и трансферинските рецептори. Најдобар индикатор за резерва на железото во организмот е концентрацијата на феритинот. Доколку таа е помал од 10 mikrog/l, со сигурност станува збор за сидеропенична анемија.
Третман
За лекување на анемијата е потребно терапија од 2 до 4 месеца, а бидејќи е потребно да се пополнат резервите во организмот, терапијата е корисно да се продолжи најмалку 6 месеци по нормализирањето на крвната слика. Вообичаена дневна доза е 150 до 200 мг. Се препорачува таблетите на железо да се земаат еден час пред јадење, истовремено со витамин Ц. За поуспешно совладување на анемијата неопходна е и разновидната исхрана од животинско и растително потекло. Битен е и престој на планина, бидејќи планинскиот воздух и надморската височина влијаат на релативно брзо покачување на бројот на црвените крвни клетки, кои придонесуваат до побрзо заздравување на организмот.