Алергиите се сè повеќе присутни во детската возраст, а родителите секогаш сакаат да го направат најдоброто за своите деца. Познавајќи ги симптомите на алергија и работите кои ја поттикнуваат, вие веќе добро знаете како да постапите кога се дома или на прошетка. Но, како да му помогнете на детето додека е на училиште ?
Информирајте ги наставниците за алергијата
Од голема важност е да ги информирате и наставниците за здравствената состојба на вашето дете со цел да го следат и да ве известат доколку симптомите се интензивираат во текот на денот.
Направете список на симптомите и што ги предизвикува
Направете писмено објаснување на клиничката слика на вашето дете. Наведете ги типичните симптоми на алергија и она што ги предизвикува, името и дозата на лековите што треба да ја прими во текот на денот, дали детето има алергија на одредени лекови. Напишете го и вашиот контакт доколку треба да ве консултираат или известат за одредена ситуација.
Кои се симптомите на кои посебно треба да се внимава
Доколку состојбата на вашето дете се влошува или доколку има потреба од зголемување на дозата на терапијата тоа може да се манифестира со појава на одредени знаци за кои е неопходно да бидете известени. Познавајќи ја добро состојбата на вашето дете, наставникот треба да ве извести доколку забележи одредени знаци кај вашето дете како што се:
– Неможност да се фокусира или расеаност
– Кашлица
– Вцрвенување на образите и очите
– Чешање и солзење на очите
– Течење или затнатост на носот
Вклучете го и вашето дете
Со цел да дознаете дали постојат одредени алергени кои ги влошуваат симптомите прашајте го вашето дете доколку забележало дека симптомите на алергија се јавуваат при контакт со прав од кредата или друг предмет во училницата. Како тригер на симптомите може да биде влагата во тоалетот, правта во училницата, поленот во училишниот двор, присуство на животни во училницата (хрчаци) и сл.
Бидете подготвени да реагирате
Честопати кај децата кои се алергични на полен активностите надвор од училиштето ги влошуваат симптомите на алергијата, посебно во периодите кога има висока концентрација на полен. Известете го наставникот во овие денови да не го остава отворен прозорецот од училницата.