Вие најдобро го познавате вашето тело. Следете ги знаците што секојдневно ви ги дава. Некогаш и најминималните промени може да бидат аларм за сериозна состојба. Затоа, не оставајте нештата да се случуваат пред вас, а вие да ги премолчите. Разговарајте со вашиот лекар за сè што претставува ново искуство за вас и вашето тело. Запомнете, откривањето на карциномот во рана фаза значително ги зголемува шансите за излекување и добар квалитет на живот.
Во продолжение се неколку знаци кои може да бидат јасен сигнал за сериозна промена во вашето тело кое се поврзува со појава на одредено малигно заболување. Доколку се пронајдете во некој од нив, не ги игнорирајте.
Бели дробови
Долготрајна кашлица, искашлување крв, недостиг на воздух, чести бронхитис или бронхопневмонии.
Кожа
Нови бенки или бенки што го менуваат изгледот, големината, бојата, бенки што лесно крвават.
Усна празнина
Бели или црвени пликови, грутки или стврднување на ткивото.
Тестиси
Промена на големината на тестисите, појава на цврсти грутки кои најчесто се безболни.
Простата
Често или неконтролирано мокрење, крв во урината, потешкотии при започнување со мокрењето или проблеми со потенцијата.
Матка
Крвавење по сексуален однос или крвавење меѓу циклуси. Кај жени во менопауза сериозен знак е крвавење.
Дебело црево
Крв во столица, долготраен запек или дијареа, промена во честотата на празнење…
Дојки
Грутки, воспаленија на кожата, вовлекување на брадавката, промена на бојата… И без видливи симптоми, се препорачува секоја жена над 40 години задолжително да направи мамографија.