Како да постапите ако имате убод од инсекти
Пролет е и природата е разбудена. Сите уживаме во нејзиниот сјај, но, за жал, нејзин неизоставен дел се инсектите.
Иако повеќето инсекти не се опасни, нивниот убод секогаш предизвикува болка и напорно чешање. Некои убоди од инсекти можат да предизвикаат тешки алергиски реакции или да пренесат некоја болест.
Затоа е важно да знаете како да се справите со убодите на некои инсекти.
Убод од оса или пчела
1. Доколку ве касне оса прво што треба да направите е да го отстраните осилото. Веднаш треба да земете нож или некој друг остар предмет и нежно гребете го местото на убод. Не го чепкајте осилото со пинцета или нокти бидејќи така ќе го истиснете остатокот од отровот во кожата.
2.Измијте го местото со сапун и вода, неколкупати во денот. Доколку имате само оток и болка, а немате друга алергиска реакција, ставете ладен облог од мраз или алкохолен оцет. Местото можете да го протриете и со кромид бидејќи има ензими кои имаат ублажувачко дејство. Може да ви помогне и шеќерот. Натопете го со вода местото на убод и потоа ставете шеќер. За да го намалите отокот, ставете крема од невен.
3. Доколку убодот е во устата веднаш побарајте помош од лекар. Отровот во устата може да доведе до тешки алергиски реакции, кои, пак, може да предизвикаат оток и затворање на дишните патишта.
4. Ако по убодот имате поголема болка или оток, веднаш побарајте помош од лекар кој ќе ви препорача да направите тест за алергија. Доколку се утврди дека сте алергични на пчели, ќе треба многу да внимавате. Лекарот ќе ви препорача кои лекови треба секогаш да ги имате покрај себе.
5. Алергија на убод од пчела може да се јави иако претходно при вакви убоди не сте имале проблеми. Ова особено се однесува за малите деца. Ако по убодот се јави гушење или отежнато дишење, чувство на притисок во белите дробови или во грлото, отекување на усните, вртоглавица , мачнина или повраќање веднаш побарајте помош од лекар.
Убод од пајак
1. Доколку ве касне пајак на почетокот измијте го местото со вода и сапун и ставајте ладни облоги неколкупати во денот. Можете да се намачкате и со антибиотска крема. Исто така на местото на убод можете да ставите неколку капки масло од лаванда, помешано со една лажичка алкохол или јаболков оцет.
2. Ако се сомневате дека убодот е од пајакот наречен црна вдовица, веднаш ставете лед и побарајте помош од лекар, без разлика дали имате одредена реакција. Овој инсект има јак неуротоксин кој го напаѓа централниот и периферниот нервен систем. Убодот од пајакот црна вдовица е придружен со јака болка и грчеви, кои се јавуваат по еден час. Грчевите почнуваат околу местото на убод, и потоа се шират. Исто така може да се јави и вртоглавица, повраќање, треска и болки во мускулите.
Убод од крлеж
1.Убод од крлежот е безболен. По убодот тој може да остане под површинскиот дел на кожата неколку дена. Затоа по престојот во природа, задолжително прегледајте го телото. Доколку најдете крлеж, отстранете го внимателно со пицента, или веднаш отидете до најблиската амбуланта.
2. Крлежот треба да се отстрани во рок од 24 часа. Ризично е да го вадите со раце бидејќи постои опасност главата на крлежот да остане во кожата. Околу крлежот не смеете да ставате хемиски средства (маст, алкохол и др.) , бидејќи тогаш крлежот интензивно излачува течности, кои можат да бидат извор на инфекции (крлежот е преносител на едно многу опасно заболување – глувчешка треска, кое не е реткост во нашите предели ). Откако ќе го отстраните крлежот , потребно е местото да го дезинфицирате со алкохол.
3. Внимателно набљудувајте го местото на убод во следните 48 часа. Ако црвенилото се шири, веднаш побарајте помош од лекар. Исто така јавете се на лекар доколку забележите висока температура, главоболка, вртоглавица, повраќање, болки и вкочанетост во вратот, што можат да бидат први знаци на менингитис.