Што е ултрасонографија?
Ултрасонографијата (УС) е метод за добивање снимки преку звучни бранови.
Како се применува?
При прегледот пациентот е во легната позиција. Најпрво се става гел врз дојките, а потоа ултрасонографскиот уред, кој овозможува приказ на дојките, се придвижува по дојките. Во меѓувреме, снимките на УС екран се следат или се снимаат доколку постои сомнителен наод.
Сомнителниот наод се проценува според внатрешните структури, форми и рамноста на рабовите и се испитува со техника наречена доплер, кој овозможува снимање на крвните садови. Малигните маси содржат голем број неправилни крвни садови. Некои нови уреди можат да ја утврдат цврстината на ткивото со еластографија. Канцерогеното ткиво обично е потврдо од околното ткиво или од бенигните маси. Истражувањата во последниве години покажаа дека еластографија е исто така значаен придонес во разликувањето на бенигни и малигни наоди.
Модерните уреди, заедно со колор доплер и еластографија, имаат карактеристики што овозможуваат подобра проценка на површните органи, како што се дојките, како и подобар преглед на мали маси и структурни абнормалности.
Кои се предностите на ултрасонографијата?
Не постои ризик од радијација и несакани ефекти, нема болка: Ултрасонографијата нема зрачење, на овој начин пациентот не е изложен на непотребно зрачење. Ултрасонографијата нема несакани ефекти ниту, пак, чувствувате болка за време на снимањето. Поради овие карактеристики, оваа процедура може да ја повторувате колку често сакате.
Можноста за рана дијагноза на густо градно ткиво: Ултрасонографијата, за разлика од мамографијата, е метод за снимање со напречен пресек за во текот на испитувањето да нема ткива кои се преклопуваат и да нема дијагностички грешки во резултатот. Препорачливо е жените со густо градно ткиво да прават УС прегледи, така што малите жаришта на канцер, кои при мамографија се покриени со градно ткиво, да можат полесно да се видат со ултразвучно снимање.
Внатрешната структура на дојката може да се види појасно: Внатрешната структура на масите на дојката која може да е течна (циста) или цврста може да се види само на УС. Цистите во дојките се многу честа појава. Простите цисти не претставуваат значаен ризик за карцином на дојка, така што не е потребно често прегледување на истите.
Сепак, структурата на цврстите маси може да биде бенигна или малигна. Заради ова, тие треба да се испитаат внимателно и доколку изгледаат сомнително, треба да се направи биопсија. Наодот на маса со мазни краеви често е присутен во бенигни болести на дојка. Овие маси може да се следат со кратки ултрасонографски испитувања без биопсија бидејќи ризикот од карцином е многу низок (под 5%).
За кого се препорачува ултрасонографијата?
- За сите жени под 35-годишна возраст, како прв метод на испитување бидејќи нема зрачење;
- Жените кои се бремени или дојат бидејќи нема зрачење;
- Жените кои имаат знаци на инфекција, како на пример црвенило или болка во дојките;
- Жените кои имаат густа структура на дојката, како дополнителен метод на мамографијата;
- Жените кои имаат сомнителни наоди од мамографија или физички преглед;
- Жените кај кои е дијагностициран карцином на дојка со цел да се идентификуваат дополнителните жаришта на тумор и за преглед на пазувите и на спротивната дојка;
- Машки пациенти што се жалат на болки во дојка (заедно со мамографија, по потреба).
Што треба да се земе предвид?
Стручност: Од сите радиолошки прегледи, ултразвучниот преглед е оној кој бара најмногу стручност. Ако се врши од страна на доктори кои немаат посебно искуство во снимање дојка, можно е да се испушти нешто на наодите или погрешно да се оцени. Со оглед на фактот што резултатите се проценуваат од екранот за време на снимањето, тие не можат да се прегледаат подоцна од друг доктор.
Потребни се различни тестови: Ултрасонографијата не може да се користи како единствена алатка бидејќи не прикажува микрокалцификации, кои се првите докази за карцином на дојка. Исто така, некои видови канцер не може да се откријат со овој метод.
Во некои случаи потребна е биопсија: Некои бенигни заболувања на дојките (како што се фиброцистичните промени) може да доведат до сомнителни наоди при ултразвучен преглед, а понекогаш за дијагноза е потребна и биопсија.
Четиридимензионален ултразвук:
Што е четиридимензионален ултразвук?
ABVS (Автоматски скенер на дојка) е најновото технолошко откритие за ултрасонографија на дојки. Овој скенер, исто така, е познат како автоматски ултразвук на дојка, волуметриски ултразвук на дојка и четиридимензионален ултразвук.
Како се применува?
Испитувањето се врши од страна на техничар, а не од доктор. Целата дојка се прикажува во стандардни снимки и конечната група снимки се прегледува на посебен екран од страна на доктор. Снимките може да се преработат на екранот, во каков било пресек и може да се направат и нови мерења. Најважната разлика на овој метод од стандардниот ултразвук е тоа што секогаш се добиваат стандардни слики. Грешките кои може се направат од страна на неискусен практикант се минимални. Во случај на сомнителен наод, докторот го прегледува пациентот.