УСПЕШНО ИН ВИТРО ОД ПРВ ОБИД

СОВЕТИ И ПРЕПОРАКИ

Ин витро оплодувањето (ИВФ) е сложен и често емотивно предизвикувачки процес, кој им овозможува на многу парови што се борат со неплодност да си ја остварат својата желба за потомство. Стапките на успешност во ин витро процедурите значително се подобрија со текот на годините, а од клучно значење е добрата подготвеност на пациентите за предизвикот што им претстои. М-р д-р Александар Бојаџиев, специјалист по гинекологија и акушерство од Одделот за асистирана репродукција, вели дека со преземање на конкретни чекори пред започнување на ИВФ-постапката, пациентите можат да ги зголемат шансите за успешен исход од третманот. Тој додава дека секое искуство со ИВФ е индивидуално и различно, но заедничко за сите парови е да ги практикуваат следниве препораки, кои ќе им помогнат да се подготват за ИВФ-постапката и да ги зголемат своите шанси за постигнување на бременост.

1. ИЗБЕРЕТЕ ИВФ-ЦЕНТАР СО ГОЛЕМО ИСКУСТВО И СО НАЈДОБРА ЕМБРИОЛОШКА ЛАБОРАТОРИЈА

Најголем дел од успехот на процедурите за вонтелесно оплодување е поврзан со квалитетот на ембрионот. За квалитетот на ембрионите се исклучително важни ИВФ-лабораторијата, квалитетот на медиумите и условите во кои растат ембрионите, како и вештината и искуството на ембриолозите во неа.

2. ИЗБОР НА ВИСТИНСКИОТ ЕМБРИОН

Дел од ембрионите немаат капацитет да се развиваат нормално. Колку што подолго ембрионите се опсервираат од страна на ембриолозите во лабораторијата, поголема е шансата да ги детектираат невијабилните ембриони и да ги издвојат најдобрите ембриони за трансфер во матката. Опсервација од 5 дена, за да се издвојат ембрионите што ја достигнале критичната фаза на бластоциста, е оптимална. Дури и ембрионите што изгледаат одлично под микроскоп можат да имаат абнормалности, што оневозможува имплантација и бременост. Идентификација на тие ембриони со нивна биопсија со PGS или PGD методата дополнително ги селектира вистинските ембриони за трансфер.

3. „ЗАМРЗНАТ“ НАМЕСТО „СВЕЖ“ ТРАНСФЕР

Свежиот трансфер претставува трансфер на ембрионот по 3 до 5 дена од колекцијата на јајчните клетки. Ембриотрансферот може да биде и одложен со замрзнување на ембрионите. Хoрмонските стимулации влијаат врз ендометриумот и ја намалуваат неговата приемчивост за ембрионот. „Веќе е докажано дека одложувањето на трансферот за друг циклус, односно трансферот на замрзнат ембрион е поврзано со поголеми стапки на успешност. Покрај тоа, со одложување на трансферот и замрзнување на ембрионите, го намалуваме ризикот за хиперстимулација кај одредени пациентки и можеме да направиме генетска анализа на ембрионите каде што тоа е потребно“, објаснува м-р д-р Бојаџиев.

4. ИЗБОР НА ИНДИВИДУАЛИЗИРАН ПРОТОКОЛ НА СТИМУЛАЦИЈА

Не постои протокол за стимулација на јајчниците којшто одговара за сите жени во процесот на ИВФ. Потребен е персонализиран пристап, кој се одредува во зависност од резервата на јајчниците, возраста, одредени состојби како полицистичен синдром на јајчниците, претходната историја, со цел да се максимизира шансата за имплантација на ембрион и последователна уредна бременост.

5. ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ШАНСИТЕ ЗА ИМПЛАНТАЦИЈА НА ЕМБРИОНИТЕ

Покрај квалитетот на самиот ембрион, приемчивоста на ендометриумот (внатрешноста од матката) е еден од клучните фактори за успешна бременост. Ембрионот и ендометриумот пред неговото вгнездување во матката комуницираат преку голем број молекуларни механизми за да се оствари имплантацијата во матката. Голем број фактори можат да ја нарушат рецептивноста, односно приемчивоста на ендометриумот за ембрионот. „Постојат голем број методи за зголемување на рецептивноста на внатрешноста на матката, односно ендометриумот. Употребата на плазма богата со тромбоцити, како и одредени фактори што ја подобруваат васкуларизацијата во ендометриумот, може да ги зголеми шансите за имплантација на ембрионот во матката кога се аплицираат пред трансферот на ембрионот“, вели д-р Бојаџиев.

6. ИСХРАНА, СУПЛЕМЕНТИ И НАЧИН НА ЖИВОТ

Изменете го вашиот животен стил во насока на здрава исхрана и редовна телесна активност пред да се одлучите за ИВФ. Повеќе студии сугерираат дека паровите што биле на медитеранска диета шест месеци пред вонтелесното оплодување имале значително поголеми шанси за успешно ин витро оплодување и бременост. Медитеранската диета вклучува јадење разновиден свеж зеленчук, овошје, тестенини од цели зрна, мешунки како грав и наут. Консумирање на риба богата со омега 3, консумација на здрави масти, како авокадо, многу маслиново масло, јаткасти плодови и семки, како и мали количини црвено месо. Избегнувајте брза храна, слатки, високопреработена и конзервирана храна. Покрај исхраната, внесувањето одредени суплементи дополнително може да ја подобри стапката на успешност на процедурите за потпомогнато оплодување.

Специјализираниот центар за ИВФ во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ е пионер во имплементација на асистираните репродуктивни техники во земјава и регионот, а стапката на успешност е на ниво на светските референтни ИВФ-центри. Во овој центар се изведуваат сите асистирани и репродуктивни техники без ограничување на возраста за ИВФ-постапки: вонтелесно оплодување (IVF, ICSI, TESE, TESA), криопрезервација (замрзнување) на јајце-клетки, сперматозоиди, ембриони, ткиво од тестис и ткиво од јајчник, интраутерина инсеминација, PICSI-метода, како и замрзнување – витрификација на ембриони и јајце-клетки.

Сподели:

  • Добивај известувања за новости!