Полни училишта, полни градинки. За помалите деца тоа е период на чести респираторни инфекции. Сега човештвото подолг период се бори со коронавирусот, кој е исто така респираторен вирус, а поголем дел од инфекциите кои се лекуваат се поврзани со него. Сепак, другите вируси не исчезнаа исто како и инфекциите кои се предизвикани од повеќе различни бактерии. Д-р Тања Јованова, педијатар пулмоалерголог, вели дека респираторните инфекции се најчести инфекции воопшто кај популацијата, секако многу почести во детската возраст, што е во тесна врска со незрелоста на имунолошкиот систем. Почести причинители се вирусите, помалку бактериите. Освен познатиот коронавирус, има и голем број други различни типови вируси. Нив ги карактеризира брза трансмисија, односно се пренесуваат лесно и преку воздушен пат, при близок контакт на здраво со болно лице или при допир со заболениот. Маските, дистанцата и одржувањето хигиена во пандемијата станаа нова реалност, иако секако поради лесната преносливост превенцијата од пренос на вирусот се смета за потешка. Лекувањето на децата најчесто е симптоматско, антибиотската терапија кај респираторните инфекции кои се предизвикани од вируси сепак е неефикасна. При инфекциите, без оглед кој е причинителот, најчесто се јавува покачена телесна температура!
ПОКАЧЕНА ТЕМПЕРАТУРА, МАЧНА ЗА ДЕЦАТА, ШТО СО НЕА?
За малите деца е мачна, за родителите исцрпувачка, но зголемената телесна температура или фебрилност е всушност одбранбена реакција на организмот на некоја инфекција или некое друго нарушување во организмот. Таа помага организмот да се избори со инфекцијата бидејќи делува неповолно за развојот на многу вируси и бактерии. Иако има доста причини да се појави, таа е доста честа кај респираторните инфекции, а веќе е јасно, најчест симптом e и при присуството на Sars- Cov-2. Нормална телесна температура е температура до 37 степени, измерена аксиларно или под пазувите или до 37,5 степени измерена ректално, односно во аналниот отвор. Докторите препорачуваат да не се даваат лекови за симнување на температурата доколку не се измери температура над 38 степени. „Без разлика на висината на температурата, секогаш кога детето ви изгледа болно, задолжително направете консултација со лекарот на вашето дете и следете ги неговите упатства. Зголемената температура е само симптом на болест па потребно е да се пронајде причината и истата правилно да се лекува. Со нејзино излекување ќе дојде до нормализирање на температурата. Д-р Јованова советува, при покачена температура на децата да им се даваат повеќе течности за да се избегне дехидратација, доколку се работи за доенче, да му се дава почесто да цица. Потоа, антипиретици од парацетамолски тип и туширање со млака вода со температура на водата од околу 32 до 33o C, никако со ладна вода или масирање на телото со крпа натопена во млака вода. Кај некои деца со респираторна вирусна инфекција, по 2-3 дена од појавата на симптомите на инфекцијата (затнато носе, кивавица, бистра носна секреција, солзење на очите, кашлица, без или со лесно покачена температура), се појавува свиреж во градите.
КОГА ИНХАЛАЦИЈА?
Д-р Јованова вели дека доколку детето кое има некоја респираторна инфекција развие опструктивен бронхит, тогаш најдобар начин за лекување е по пат на инхалација. Кај децата со респираторни проблеми, по инхалаторен пат се користат два типа лекови: бронходилататори – лекови за ширење на дишните патишта, за да се олесни дишењето, и антиинфламаторни лекови – тописки кортикостероиди, за намалување на степенот на воспалителен процес на лигавицата на дишното стебло со цел да се отстранат или ублажат симптомите на болеста! „Правилното вдишување на лековите е проблем во детската возраст. За малите деца со кои немаме соработка лекот е во форма на течност, кој со помош на електричен уред – небулизатор се распрскува во аеросол и потоа се вдишува преку маска. Поголемите деца со кои имаме соработка користат инхалатори со дозирани дози на аеросол или со сув прашок под притисок, популарно познати како пумпичка. Пумпичката не се става директно во уста, затоа што во тој случај лекот останува во горниот дел од дишното стебло. За правилен пласман на лекот се користат додатоци (спејсери), практично во цевката се задржува лекот и со неколку вдишувања може целиот лек да биде пласиран во долниот дел од дишното стебло“, вели д-р Јованова. Таа додава дека инхалаторните лекови дејствуваат локално и се безбедни.
ЗОШТО СЕ ЈАВУВА СВИРЕЖ ВО ГРАДИТЕ?
Свирежот во градите значи присуство на опструкција, односно пречка во нормалниот проток на воздух низ дишните патишта. Настанува поради стегање на мускулатурата на дишните патишта, оток на лигавицата и присуство на секрет во луменот на дишните патишта. Кај малите деца свирежот во градите често се повторува и при следни вирусни инфекции. Оваа склоност за повторување на свирежот во гради е во тесна врска со анатомијата и физиологијата на респираторниот систем. Истата е минлива и најчесто исчезнува со растот на детето. Тоа се деца со транзиторен облик на повторувачки опструктивен бронхит поврзан со вирусни инфекции.