ВИСОКИОТ ПРИТИСОК ПРИЧИНА ЗА СРЦЕВ УДАР, ПРОБЛЕМОТ СÈ ПОЧЕСТ КАЈ МЛАДИТЕ

Билион луѓе во светот имаат проблем со висок крвен притисок, а очекувањата се до 2025 година оваа бројка да порасне за 50%. Податоците покажуваат дека само една третина од нив се лекуваат, а добро регулиран крвен притисок имаат само 30% од сите лекувани. Покрај големиот број лица со дијагностициран висок притисок, алармантен е фактот што постои голем број  луѓе кои не знаат дека имаат висок притисок. Оттаму и неговиот синоним „тивок убиец“.  По повод Светскиот ден за борба против високиот крвен притисок, 17 Мај, разговаравме со д-р Даниела Пројевска, кардиолог од „Аџибадем Систина“.

Чести главоболки, срцебиење, тремор – најчести симптоми

Не постои еден единствен знак за да се препознае зголемениот крвен притисок. Најчесто е комбинација од неколку симптоми, кои може да се јават и кај други заболувања, па затоа пациентите веднаш не се упатуваат на вистинското место.

„ Многу често еден од првите и најчесто препознатлив знак е честа главоболка на одредени делови од главата и вратот, кој е вкочанет, може да се јавува со денови и не се смирува со стандардни аналгетици. Некои пациенти чувствуваат срцебиење, некои вознемиреност во градите, тремор на рацете, губење на снага, несоница“, вели д-р Пројевска.

Брзиот стил на живот, брзата, конзервирана или високоенергетска храна со многу сол, намаленото движење се главните причини за поместување на возрасната граница.

„Кај луѓето на возраст од 50-60 г. нормално е да очекуваме варијација и покачување на крвниот притисок, но денес 40% од пациентите се под 60 г., односно 20-25% од пациентите се на возраст од 30-45 г., од кои почесто на удар се мажите. За жал, во нашите ординации сè почесто доаѓаат млади пациенти со кардиоваскуларни проблеми. Намалувањето на возрасната граница се должи на неправилниот стил на живот и неактивност секогаш со објаснување дека за ‘активност немаме и не ни останува време’”, вели д-р Даниела Пројевска, кардиолог.

Хипертензијата остава последици на срцето

Серија оштетување на органи и органски системи се поврзани со нелекуваниот покачен крвен притисок. Најпрвин, настанува оштетување на срцето, кое може да се манифестира со она од што сите најмногу се плашат, а тоа е срцев удар или нагла срцева смрт. Долготрајно гледано дава задебелување, а потоа и проширување на делови на срцето и настанување на срцева слабост или нарушување на ритамот на срцето, болести на крвните садови на мозокот со настанување на мозочни удари од тип на крвавења или инфаркти, на периферно ниво болест на артериите на нозете, оштетување на крвните садови на бубрезите или очите сè до крајна фаза на оштетување, намалување на когнитивните способности по многу години нелекуван висок притисок.

Промена на животниот стил – прв чекор во третманот

Денес, во Европа како гранични вредности на крвен притисок се земени вредностите од 140/90 ммХг при амбулантно мерење на крвниот притисок, над кои задолжително се советува лекување и се даваат лекови за регулирање на крвниот притисок. Лекувањето многу зависи од вредностите на крвниот притисок и кај кого се јавуваат. Секако, прва мерка која се презема кај сите пациенти е промена на животните навики, а доколку на овај начин не се постигне регулирање на крвниот притисок, треба и мора да се советува и користи таблетарна, долготрајна терапија од која пациентите најмногу се плашат.

Пациентите со висок крвен притисок со зголемен ризик од коронавирусот

Како и сите кардиоваскуларни болести, високиот крвен притисок е во групата на состојби кои може да бидат дополнително ризични за пациентите заразени со коронавирус. Пациентите со хипертензија треба внимателно да ги почитуваат мерките за превенција со цел да се заштитат.

Превенцијата почнува од најраната возраст, затоа треба да бидеме пример од кој ќе учат и најмалите.

„Здравиот начин на живеење и исхрана, односно режимот треба да се применува на целото семејство, не само на поединецот кој има зголемен крвен притисок, а тоа е правилна исхрана, намалување на внес на сол во исхраната, внесување пет порции  овошје и зеленчук, одржување телесна тежина, секојдневна физичка активност и контрола на стресот. Во суштина, исхраната и физичката активност се основа за здрав, долг и квалитетен живот. Секако, во момент кога ќе се заклучи дека има промена на крвнот притисок и од страна на докторот ќе се советува примање соодветна терапија, пациентот оваа мерка да ја прифати и редовно да ја применува“, согласна е д-р Пројевска.

Сподели:

  • Добивај известувања за новости!