Недостигот на витамини и минерали кај жените најчесто резултира со лошо расположение и намалена концентрација, а потоа со нарушување во менструалниот циклус и склоност на инфекции. Брзо потоа настануваат и посложени нарушувања и развој на специфични заболувања.
Витамините се поделени во две големи групи: витамини растворливи во масти (А, Д, Е, К) и витамини растворливи во вода (Б комплекс, фолна киселина и Витамин Ц). Витамините Д и К, како и фолната киселина се од посебно значење за здравјето на жената.
Витаминот Д поради неговата структура и бројните физиолошки функции се нарекува уште и хормон Д. Тој служи за одржување на здравјето на коските и зглобовите, за подобрување на одбранбените механизми на организмот и за намалување на ризикот од појава на малигни болести. Внесот на витамин Д е од особено значење во периодот на бременоста и доењето бидејќи овозможува правилен развој на детето.
Витаминот К е неопходен во процесот на коагулација на крвта и на тој начин ги спречува крвавењата, кои неретко ја погодуваат женската популација. Со оглед на фактот дека витаминот К ги создава корисните бактерии во цревата, недостигот од овој витамин се должи на долготрајните антибиотски терапии. Дневните потреби од овој витамин можат да се надоместат преку исхраната.
Фолната киселина учествува во голем број метаболички реакции. Недостиг на фолна киселина во телото може да доведе до појава на специфична форма на анемија, а нејзиниот недостаток за време на бременоста може да предизвика вродени аномалии кај бебето. Дневните потреби изнесуваат околу 200 микрограми, додека за време на бременоста треба да се внесува 2-3 пати повеќе.
Најважните минерали за здравјето на жената се калциумот и магнезиумот
Калциумот ја подобрува структурата на коските и учествува во многу витални реакции во организмот. Застапеноста на калциумот во коските изнесува 95% од целокупната количина во организмот, додека во секојдневниот метаболизам се троши околу еден грам калциум. Затоа, на организмот му е потребен 1 грам калциум дневно. На бремените жени, пак, им е потребно двојно повеќе калциум во текот на денот односно 2 грама.
Магнезиумот е најефикасната минерална материја против стресот. Го смирува надразнетиот нервен систем, го зајакнува кардиоваскуларниот систем, го подобрува расположението, помага во справувањето со мигрената и ја намалува појавата на грчеви во нозете во текот на ноќта. Магнезиумот има позитивни ефекти кај жените во предменструалниот синдром, но и кај бремените жени. Се препорачува внес од 300 мг магнезиум во текот на денот, а некогаш и повеќе доколку има потреба.