Последиците од претерано изложување на очите на силното сонце се појавуваат многу години потоа и затоа треба секогаш да мислиме на очите. Интензивното изложување на сончевите зраци може да доведе до изгореници на спојницата на очите (конјуктива) и рожницата, кои од топлината можат да се исушат, да почнат да се лупат и силно да болат. Во такви околности окото е во грч и не може да се отвори. Таквата состојба, за среќа, со мирување и капки за очи поминува за ден-два. Но, сончевите зраци можат неповратно да ја оштетат внатрешноста на очите, леќата и очната позадина. За тоа не сме свесни бидејќи оштетувањата во внатрешноста на окото не доведуваат до болка.
Затоа е неопходно при изложување на сонце очите секогаш да ни бидат заштитени со очила за сонце. Единствениот услов кој тие мора да го задоволуваат е стаклата да имаат филтер кој не ги пропушта штетните UV зраци. Сето друго е прашање на избор, вкус и материјални можности.
На децата им се потребни очила за сонце исто како и на возрасните, со заштитен UV филтер. Затоа немојте на децата да им купувате пластични и темни очила без филтер бидејќи поради затемнувањето зеницата се шири за да улови повеќе светлост, а со тоа всушност ја отвора „вратата“ за штетните сончеви зраци.
При купување очила за сонце потребно е да побарате декларација во која производителот ги наведува карактеристиките на стаклото и го гарантира квалитетот на производот.