Поларните температури кои од утре и кај нас ќе се спуштат и до минус 20 Целзиусови степени, се многу опасни за здравјето, а може да бидат дури и фатални бидејќи доаѓа до нагло стеснување на крвните садови. Тоа што е особено опасно е злоупотребата на алкохол на вакви временски температури, зашто многу е поопасно ако на студено се изложите во алкохолизирана состојба, предупредуваат кардиолозите. Лекарите, пред претстојните божиќни празници, предупредуваат да внимаваат граѓаните кои утре-вечер, за време на бадникарскиот оган, надвор на студот ќе консумираат греена ракија и други алкохолни пијалаци.
„Дали е ладно или топло, наглите промени во температурите не им одговараат многу на луѓето и секогаш им прават некаков проблем. Во принцип, луѓето се штитат од студот и прават се за да им е потопло. Делот што е непријатен кај ладното време е дека доаѓа до нагла вазоконстрикција на крвните садови, кога ќе излезете од топло на ладно. Во моментов најзасегнати се хроничните пациенти, па ги советуваме: ако немаат потреба да не се изложуваат на ладното време. За жал, во зимскиот период имаме најмногу несакани настани и кај млади и кај стари луѓе, системски не е испитано зошто е тоа така, но најмногу проблеми со здравјето луѓето имаат во зимскиот период. Промената на атмосферскиот притисок влијае врз здравјето на луѓето, па ниските температури доведуваат до зголемување на атмосферскиот притисок, кој им пречи на пациентите. Смрзнување на делови од телото се нешто што може да се појави на вакви ниски температури, ако се изложите подолго време на ладно бидејќи нашето тело во најголем процент содржи вода“, вели д-р Дејан Ковачевиќ, интервентен кардиолог електрофизиолог во „Аџибадем Систина”.
Тој предупредува колку е опасно кога граѓаните пијат алкохолни пијалаци на ваков студ
„Тоа што е опасно е злоупотребата на алкохол на вакви временски услови. Многу поопасно е ако се изложите во алкохолизирана состојба на ладно. Што треба да направиме за да се заштитиме? Треба да внимаваме при излегувањето надвор на овие поларни температури да бидеме добро облечени, а користењето алкохол да биде што помалку на отворено, односно кога ќе слават во наредниве денови, граѓаните да пијат умерено. Виното и ракијата доведуваат до дополнителна вазодилатација, при што на ниски температури доведуваат до забрзано ладење на телото. Тоа е основниот проблем кој може да се случи побрза појава на смрзнување и оштетување на ткивото заради ладење. Традицијата налага сè, но сè треба да биде во рамките на умереното. Умереноста во пиењето е да не бидете пијани од тоа што ќе го испиете“, нагласува Ковачевиќ.
Мрсната храна зиме е помал проблем отколку лете
„ Во овој временски период, мрсната и калорична храна, која е тешка, е проблем, но поради ниските температури, таа не прави нагли промени како летно време“, вели д-р Дејан Ковачевиќ.
„Кога ќе консумирате јака калорична храна во лето, веднаш ви е лошо. А во зима не толку, но последиците сепак настануваат. Здравата храна се препорачува за секое време во годината“, советува тој.
Извор:Дневник