Ако имаш фризура, не е толку битно како си облечен. Ова мото е општоприфатено во јавноста. Многу повеќе го делат припадничките на понежниот пол, бидејќи за жените косата можеби е најважниот детаљ од физичкиот изглед, за разлика од мажите кои и да се проќелавени тоа го прифаќаат како нормална појава. И додека луѓето со бујни коси бараат начини да ги скротат прамените и да не изгледаат како тогаш да станале од кревет, оние кои имаат проблем со опаѓање на косата мака мачат како да ја скријат проретчената коса. За да го маскираат проблемот, луѓето бараат разни начини, од посебен стил на чешлање на косата, до купување вештачки прамени и перики. А некои во очај да ја сочуваат и спасат косата што им останала, посегаат по разни надрилекарства и не избираат што ќе стават на глава.
Луѓето кога се на мака се обидуваат на најразлични начини нешто да направат со косата. Се мачкаат со маслиново масло, со лук, а некои одат дотаму што спијат во специјална позиција, и тоа најчесто на стомак забиени со лицето во перница или, пак, носат заштитна мрежа на главата, мислејќи дека така помалку ќе паѓаат влакната. Има и случаи кога за да го стимулираат растот на косата употребуваат и киселини измешани со некои препарати од лук, па завршуваат со рани и изгореници на главата. Некои се стрижат до гола кожа верувајќи дека тоа ќе ја згусне косата, што е илузија“, раскажува д-р Андреј Петров од клиничката болница „Аџибадем-Систина“, кој објаснува со какви се’ трагикомични случаи се среќава во ординацијата. Тој додава дека косопадот е многу застапен во секојдневната дерматолошка практика и речиси нема ден во болницата да не дојде барем еден случај за консултација и помош.
И додека некои бабини препарати може да бидат корисни, други може да бидат многу опасни за здравјето на луѓето. „Лукот е пример за народен корисен лек, врз база на кој се направени многу медицински препарати. И ние како лекари го препорачуваме. За разлика од него, употребата на разни надрилекарства и киселини може да биде многу опасна и да предизвика сериозни последици од изгореници до труења. Ваквите последици, пак, може да доведат до спротивен ефект, целосно токсично опаѓање на косата“, објаснува дерматовенерологот Петров.
Тој е категоричен дека ако почне процесот на опаѓање тој не може да се запре. Особено ако причините се генетски или хормонски, иако д-р Петров вели дека до опаѓање на косата може да дојде и поради имунолошки фактори, како резултат на инфекции или воспалувања, или како последица на некои лекови. „Најчеста причина за опаѓањето на косата, всушност, е хормоналната стимулација која е генетски условена. Андрогените или машките хормони се врзуваат за површината на влакното и тоа за специјални рецептори наречени 5 алфа редуктаза тип 2, пред се’ на трајните влакна. Притоа, и кај мажите и кај жените настанува минијатуризација (смалување) на фоликулот на влакното, практично негово исчезнување. И кај мажите и кај жените, овој тип опаѓање на косата може успешно да се лекува. Тоа е важно да се подвлече бидејќи има одредени типови на опаѓање на косата од имунолошко потекло (алопетиа ареата) кои тешко се лекуваат, бидејќи причините се нејасни“, објаснува Петров.
За да се спречи косопадот или, пак, да се обноват влакната на главата, како еден од најуспешните третмани е пресадувањето на косата со помош на ФУЕ-методата, што особено се препорачува за губење на косата кое е хормонски стимулирано. „Ова е проверено успешна метода. Со ФУЕ-методот, всушност, се пренесуваат влакна од едно на друго место на главата од ист пациент, кои потоа не можат да испаднат поради тоа што на својата површина го немаат специфичниот рецептор 5 алфа редуктаза врзувачки места за андрогените хормони“, раскажува д-р Петров за тоа како се врши пресадување на косата.
За да може методата да биде успешна и за да се изврши пресадување на косата, д-р Петров вели дека треба да се има можност да се земат влакна од таканаречената донорска област на главата на тилот. „При раѓањето луѓето имаат околу 5 милиони фоликули на влакна. Постојат три типа влакна. Терминалните влакна кои се наоѓаат на главата, под пазуви и на брадата, кои се под влијание на андрогените хормони. Треба потенцијалниот кандидат за трансплантација да има доволно влакна на тилот за да може да се земат и да се префрлат на ќелавиот дел од главата, а во исто време да не се наруши изгледот на овој дел од косата. Идеална возраст з
а трансплантација на коса е од 25 до 35 години, иако има случаи и на пациенти со 18 и 75 години“, додава Петров.
Предноста на оваа метода, во споредба со другите третмани на пресадување на косата, како што потенцира д-р Петров, е тоа што кај ФУЕ-методот нема постоперативна лузна. За 7 до 10 дена заздравува во целост раната на донорскиот дел на тилот од кој се земаат влакната за пресадување. Покрај тоа, интервенцијата е целосно безболна и се изведува со локална анестезија. „Методата се изведува така што со помош на механичка ротациска игла (помала од 1 милиметар) се вадат влакната од тилот, потоа со специјален панч-инструмент се прават отвори во пределот на кој се пресадува косата, вообичаено напред на главата, каде што се втиснуваат влакната. Пресадените влакна имаат животен век од 6 месеци, потоа опаѓаат, а на нивно место растат природни терминални влакна со животен век од 2 до 4 години, како и на сите други влакна на главата. Со оваа метода се овозможува да се постигне саканата густина од просечно 50-60 фоликуларни единици на еден сантиметар. Интервенцијата завршува за 5 часа“, објаснува д-р Петров.
Оваа метода се работи и кај женската популација. Но, сепак, укажува д-р Петров, дека поради времетраењето кое е потребно за да порасне повторно косата во вообичаената должина, дискомфорот кај жените е поголем во однос на мажите кои вообичаено носат покуса коса.
„Кај жените затоа во моментов една од најпопуларните методи која и ние ја работиме е ПРП – употреба на плазма богата со тромбоцити која на посебен начин се инјектира во капилициумот, а која се користи за стимулација на растот на коса“, додава дерматовенерологот од „Аџибадем-Систина“.
Нормално е да опаѓаат до 100 влакна дневно
Секој ден опаѓаат од 50 до 100 влакна. Тоа е нормална појава. Особено е назначена во август и септември. Но, доколку интензитетот на опаѓање на влакната е поголем и доведува до значително проретчување на влакната и забележување на голата кожа, односно до ќелавост, треба да се побара медицински совет од дерматолог.
Повеќе страдаат мажите од жените
Андрогенетската алопеција, како што медицински се нарекува опаѓањето на косата, се јавува кај 30 отсто од мажите на возраст над 30 години и кај 50 отсто од мажите над 50 години. Од припадничките на понежниот пол со опаѓање на косата се соочуваат од 6 до 12 отсто на возраст од 20 до 30 години, а дури 55 отсто на возраст над 70 години.
„И покрај тоа што ги засега двата пола, сепак почесто се јавува кај мажите. А кога ќе се јави кај жените, има посериозни психолошки последици. Ова се должи на тоа што за разлика од машката ќелавост која обично се смета за нормална појава, кај жените губењето на косата може да биде проследено со поголеми проблеми во секојдневното живеење и комуникација со околината“, потенцира д-р Петров.