Вродените срцеви аномалии се јавуваат кај околу 1% од сите новородени бебиња. Д-р Ведран Стојановиќ, педијатар на детската кардиохирургија при Клиничката болница „Аџибадем Систина“ вели дека не сите аномалии се со иста клиничка слика и тежина. Некои од овие деца имаат потреба од хируршка интервенција уште во првите денови или недели од животот, додека кај други интервенцијата може да се одложи за 6 до 12 месеци, појаснува д-р Стојановиќ. Освен вродените мани на срцето, во педијатриската популација се јавува ревматската треска, миокардити, како и аритмии. Голем дел од вродените срцеви мани може да се детектираат уште во бременоста. За тоа е потребно да се прават скрининзи за време на бременоста и доколку постои сомнение матичниот гинеколог треба да ја препрати трудницата на дополнителни испитувања – фетална ехокардиографија.
Гестацискиот дијабетес дополнителен ризик за срцеви мани кај плодот
Студиите покажале дека вродените срцеви мани почесто се јавуваат кај мајки кои се над 30 години кои имаат дијабетес тип 1 или 2, имаат фамилијарна анамнеза за вродена срцева мана или се бремени со близнаци. Знаци кои може да бидат сигнал за вродена срцева мана кај новороденчиња и доенчиња се замор при доење, забрзано дишење, потење на главата и ненапредување во тежината. Освен овие симптоми, кај некои мани може да се јави и помодрување при плач или при мирување. Децата кај кои се јавуваат овие симптоми треба да бидат прегледани од својот матичен педијатар, кој доколку смета дека постои индикација, треба да ги упати на детски кардиолог за понатамошни иследувања. Срцевите аномалии се дијагностицираат најчесто со трансторакален ехографски преглед. Раната дијагноза е од исклучително значење и е многу важна за добра прогноза кај пациентот. Таа може да биде од витално значење, особено кај дуктус зависните срцеви мани кај кои мора да се започне веднаш со простагландинска терапија за да се обезбеди проток на крвта кој е од витално значење.
Срцевите аномалии најчесто се решаваат со оперативен зафат
Д-р Стојановиќ потенцира дека не се потребни инванзивни интервенции при сите кардиолошки состојби кај децата. Но, кај поголем процент на вродени мани на срцето се неопходни хируршки интервенции за решавање на проблемот. Во тие случаи, доколку постои итна индикација за интервенција – операцијата се прави веднаш. Доколку интервенцијата не е итна, пациентот редовно се следи во кардиолошка амбуланта и се утврдува вистинскиот момент за изведување на елективна хируршка интервенција.
Итни кардиолошки состојби кај децата може да бидат нарушувања во ритамот на работа на срцето, особено суправентрикуларни тахикардии, кои може да бидат чести во детската возраст. Исто така, вели д-р Стојановиќ, и новороденчиња со комплексни вродени срцеви аномалии често се пациенти кај кои е потребна итна медицинска грижа и кои во најкраток рок треба да бидат транспортирани во кардиохируршки центар кој згрижува новороденчиња.