Драгоценоста и квалитетот на секој превентивен преглед се состои во тоа да ви понуди препораки за промена на животниот стил, навиките, начинот на исхрана и да ви посочи патеки за поуспешно „управување“ со вашето здравје. Многумина од вас ќе го искористат овој т.н. медицински check-up за консултации поврзани со веќе постоечко заболување, но и за подетални информации околу одредени стравувања кои ги имате за вашето здравје, а најчесто се во врска со фамилијарната историја на заболувања.
Што содржат превентивните прегледи?
Превентивните прегледи се темелат на т.н. скрининг тестови или, појасно речено, тестови и прегледи за рано откривање на одредени заболувања. Тие се состојат од основен, базичен преглед, кој подразбира детален прашалник за откривање на ризик факторите за одредено заболување, како и детален физички преглед на целото тело за проценка на здравствениот статус. Се разбира дека се опфатени и основните показатели за состојбата на здравјето: мерење на крвниот притисок, одредување на индексот на телесна маса (ИТМ). Се смета дека овие базични превентивни прегледи треба да се практикуваат кај секој, започнувајќи од 19-тата година на животот, и да се повторуваат на секои две години. Само на овој начин и со ваков пристап кон вашето здравје ќе си обезбедите долготраен и спокоен живот.
Во што се состојат превентивните прегледи кај маж?
Проценката на здравјето кај секој маж на возраст од 18 до 39 години треба да ги содржи следните тестови и прегледи:
• Холестерол во крвта
• Проверка на крвниот притисок
• Проценка на индексот на телесна маса (ИТМ)
• Ултразвучен преглед на стомачните органи
• Проценка на ризик од сексуално преносливи заболувања ( пр. хламидија )
• Очен преглед
Мажи постари од 40 години треба да ги направат следните превентивни прегледи:
• Проценка на ризик од кардио-васкуларни заболувања ( кај мажи со покачен крвен притисок, со семејна историја оптоварена со кардио-васкуларни заболувања и кај мажи со шеќерна болест и/или бубрежна болест ).
• Проценка на ризик од хронични бубрежни заболувања (кај мажи со покачен крвен притисок, со семејна историја за бубрежни заболувања и кај мажи со шеќерна болест).
• Скрининг тестови за канцер на дебелото црево (вообичаено овие прегледи се прават по 50-тата година). Ако постои позитивна семејна историја за карцином на дебелото црево, превентивните прегледи треба да се направат пред 50-тата година од животот.
• Скрининг тестови за други малигни заболувања (канцер на простата, бели дробови, кожен меланом и др. )
• Скрининг тестови за остеопороза треба да се прават кај секој маж постар од 50 години кој има ризик фактори за развој на остеопороза ( пушачи, астматичари, тешко подвижни, болни од малигна болест ).
Еден од најважните превентивни прегледи што треба да бидат направени кај секој маж над 50 години е прегледот на простатата. Направете ехо и ректален преглед на простатата. Составен дел од овој „машки пакет“ е и одредувањето на ПСА во крвта. Ова е еден вид на туморски маркер кој може да открие присуство на карцином во простата во многу рана фаза. Кај мажи со семејна историја за карцином на простата, како и кај пушачи овие прегледи треба да започнат да се спроведуваат веќе од 45-тата година.
Во што се состојат превентивните прегледи кај жена?
Жените не смеат да го занемарат мамограмот како најмоќна алатка во раното откривање на ракот на дојката. Секоја жена на возраст од 40 години треба еднаш на две години да направи мамографија, а на возраст од 50 години овој скрининг треба да се спроведува кај секоја жена еднаш годишно.
Проценката на здравјето кај секоја жена на возраст од 18 до 39 години треба да ги содржи следниве тестови и прегледи:
• Холестерол во крвта
• Проверка на крвниот притисок
• Проценка на индексот на телесна маса (ИТМ)
• Ултразвучен преглед на стомачните органи
• Ултразвучен гинеколошки преглед
• ПАП-тест
• Очен преглед
Жени на возраст помеѓу 40 и 64 години треба да ги направат следниве превентивни прегледи:
• Скрининг-тестови за канцер на дебелото црево ( вообичаено овие прегледи се прават по 50-тата година). Ако постои позитивна семејна историја за карцином на дебелото црево превентивните прегледи треба да започнат многу порано, уште на возраст од 40 години.
• Скрининг тестови за остеопороза (одредување на густината на коските со скенирање на скелетот). Тука важи едно правило – дека секоја жена која е во менопауза, а имала скршеница треба да направи скен за оценка на густината на коските!
На крај да заклучиме дека мотото: „ЖИВЕЈ ЗДРАВО – БИДИ ЗДРАВ ВО СЕКОЕ ЖИВОТНО ДОБА“ ќе биде остварено само ако редовно го проверувате вашето здравје.
Бидете современ маж, не дозволувајте болеста да ве прелаже!
Мажите многу ретко одат на лекар во споредба со жените. Статистиките велат дека многу мажи не одат на лекар или доцна се јавуваат на преглед дури и кога имаат сериозен здравствен проблем ( пр. воспаление на белите дробови, рана која тешко заздравува поради несоодветно лекувана шеќерна болест, проблеми со мокрењето, висока температура од нејасно потекло…). Но, еден од највчудовидувачките статистички податоци е дека ретко кој маж одлучил да појде на доктор за да го провери своето здравје.