Мајчиното млеко во себе содржи белковини кои квалитативно и квантитативно се прилагодени на потребите на детето. Тоа содржи протеини кои не доведуваат до осетливост на детето. Мастите во мајчиното млеко се во лесно сварлива форма за детето и притоа не го оптоваруваат гастроинтестиналниот тракт. Покрај тоа, богато е со незаситени и есенцијални масни киселини, кои се важни за развојот на нервниот систем на детето. Има адекватна концентрација на микроелементи и витамини, а со тоа и подобра апсорпција и искористливост од страна на детскиот организам.
Железото од мајчиното млеко има искористливост до 50%, и заради тоа децата доени со мајчино млеко се помалку подложни на сидеропениска анемија. Концентрацијата на калциум и неговиот однос со фосфатите овозможува совршена апсорпција и доведува до подобра минерализација на коските.
Во мајчиното млеко има и имунопротективен фактор кој го подобрува одбранбениот механизам на детето. Најважната улога во овој дел ја има секреторниот имуноглобулин А, кој ја намалува појавата на дијареја кај детето. Исто така, докажано е дека заболувањата на респираторниот тракт, како и ризикот од инфекции се поретки кај доените деца. Присуството на витамин А во мајчиното млеко игра голема улога во заштитата на очите на децата. Придобивките од мајчиното млеко можат да се забележат и во подоцните години на дечињата бидејќи доените деца имаат помал ризик од алергии, појава на дијабетес, малигни болести, мултиплекс склероза, зголемен холестерол и триглицериди.
До кога треба да се дои детето?
Детето да се храни со мајчино млеко во првите 4-6 месеци би било идеално. Потоа, треба да се намалува бројот на доења на дневно ниво и да се вметне поцврста храна. Овој начин на исхрана треба да се практикува до првата година.
Придобивките за мајката
Доењето, исто така, е корисно и за мајката бидејќи пред сѐ го намалува ризикот од карцином на дојката и репродуктивните органи во подоцнежниот период од животот. Покрај тоа, доењето придонесува во регулирањето на телесната маса по бременоста.
Што се случува доколку не можете да го доите вашето дете?
Во аптеките се наоѓаат голем број млечни формули кои можат да го заменат мајчиното млеко. Во текот на првите шест месеци се препорачуваат високо адаптирани млечни формули. Во секој случај, за правилен избор на соодветна храна за вашето дете, најдобро е да се консултирате со педијатар.
Можни контраиндикации од доењето
Контраиндикациите од доењето се ретки и се однесуваат на одредени болести кај мајката. Пред сѐ, туберкулоза, хепатитис, сида, херпес зостер во пределот на дојката, некои тешки срцеви заболувања, како и употребата на некои лекови од групата на антибиотиците, од типот на тетрациклин, еритромицин, хлорамфеникол. Доењето, исто така, не се препорачува за доилките кои се на терапија за канцер.